 |
Занаетот сепак е златен
ВРЕДНИТЕ РАЦЕ НА ЛЕШОЧКИТЕ ЖЕНИ
Ванчо Меанџиски |
Веќе подолго време во нашата јавност постојано се зборува за изумирањето на занаетите , кои со векови не само што биле составен дел на македонските народни традиции, туку тие претставувале гордост за македонскиот човек при неговиот културен натпревар и борба за престиж со соседите , но и многу пошироко. Тоа е сосема нормално во една ситуација кога и со голо око е повеќе од видливо изумирањето на прочуените стари македонски занаети. Ова се однесува речиси еднакво и за машките и за женските занаети.
Меѓутоа, крајно влошените економски состојби во земјата продуцираат и некои неочекувани процеси кои претставуваат сушта спротивност на долгогодишните негативни општествено-економски трендови.На такви едни невообичаени за нашите општи негативни состојби и процеси сме сведоци во најново време. Овие атипични процеси всушност во последно време се случуваат токму во занаетчиството. А тоа не е ништо друго , туку воскреснување на некои од старите добри македонски занаети и за појава на нови, модерни занаети, кои се надоврзуваат на старите и не само што ги оживуваат, туку ги осовременуваат и ги прават уште попривлечни. За што фактички се работи во примерот што сакаме да го афирмираме?
Претставници на Здружението “ЛЕШОК” го посетија саемот на невладини организации што се одржа кон крај на Ноември 2003 година. Набљудувајќи ги штандовите на НВО, нивното внимание го привлече штандот на Здружението од Велес, “Везилка - Ленка”, каде беа изложени ракотворби, изработени од велешки жени. Притоа, со претседателот на велешкото Здружение , госпоѓа Соња Пљакова, беше разговарано за можноста и лешочките жени да навлезат во тајните на новиот занает, техниката наречена зураф. Во соработка со Месната заедница од Лешок, беше договорено пет лешочки жени да се испратат на петдневна обука во Велес.
Речено - сторено. Во Велес беа испратени на обука следните лешочанки:
Глигоровска Виолета, Трајковска Лена, Петровска Татјана, Петковска Оливера и Спироска Милка, каде биле запознати со начинот на изработка на минијатурни ракотворби со техниката наречена зураф. Овие, пак, минијатурни ракотворби се употребуваат како апликации, кои потоа стануваат како составни делови на попголеми женски ракотворби како што се чаршафите за маси, на пример, а тие всушност се изработуваат за да им ја зголемат естетската вредност, или ако сакате, убавината на покрупните ракотворби.
Од вредните раце на лешочките жени досега се извезени десетици декоративни парчиња, изработени во техноката зураф. Жените од Лешок своите изработки ги доставуваат до оние што го водат Здружението “Везилка - Ленка”, кои, пак, стокмени како што треба ги пласираат претежно во странство. Сетики, за макотрпниот труд жените ќе добиваат и соодветна материјална надомест.. Значи, занаетот кога ќе се научи и негува, каков било,и натаму си останува златен , како и порано кога на македонска почва не само што опстојува, туку и доживува вистински процут.
Скопје, Јули 2004 година. Ванчо Меанџиски
Авторот има повеќегодишно новинарско искуство во редакцијата на весниците Нова Македонија и Вечер. Автор е на безброј интересни новинарски текстови од секојдневниот живот на греганите на цела Македонија а можеше да се прочитаат и интерсни текстови и од екологијата и друго. Инаку, авторот досега има објавено повеќе книги, за кои доплнитрелно подетално ќе внесеме.
Ванчо Меанџиски е сопруг на Олга Јовановска од Лешок, која е керка на Петре Јовановски - Јанин.
Фотографии - Митко Спироски
|