Обнова
\

 

Проектот МЛАДИТЕ И ПРЕДАНИЈАТА ОД ЛЕШОК И СОСЕДНИТЕ СЕЛА одобрен од СОРОС

Фондацијата институт отворено општество на Македонија ( СОРОС ) и Фондацијата на Белгискиот крал Бодуен, доделија грант на Проектот: МЛАДИТЕ И ПРЕДАНИЈАТА ОД ЛЕШОК И СОСЕДНИТЕ СЕЛА на Здужението Лешок. Овој грант се доделува од Програмата за 2005 година - Култура и уметност / Живо наследство на наведените две фондации.
Здружението Лешок за реализирање на овој Проект ги испрати на едукација во деновите 25 и 26 Ноември 2004 година лицата: Поповски Ивица, Ковачевски Јовица, Богдановски Ивица, како претставници на Активот на младите од Лешок, Спироска Милка, претставник на Активот на жените и Мисајловски Младен, претставник на Здружението.
После успешното едуцирање, беше изготвен Проектот и од страна на фондацијата СОРОС и Крал Бодуен беше одобрен грант, за што е склучен и договор помеѓу СОРОС и Здружението Лешок.
Планиран термин за реализација на Проектот е од 01. 01. до 11.10.2005 година.
За реализација на овој Проект, покрај Лешок, ќе бидат вклучени и 12 соседни села: Варвара, Брезно, Сетоле, Отуње, Једоарце, Џепчиште, Непроштено, Ратае, Жилче, Слатина, Теарце и Глоѓи, а носители на активности ќе бидат младите од овие места.
Од страна на младинските активи во овие села ќе треба да се формираат три секции:

1. Секција за преданија
2. Секција за музејски предмети
3. Секција за сувенири и ракотворби

Во секоја секција треба да се зачленат младинци и активно да работат на собирање на живите народни преданија и музејските предмети, а во секцијата за сувенири да отпочне да се изработуваат сувенири и ракотворби со фолклорни мотиво од овој крај.
Во текот на октомври 2005 година, се планира да се одржи културна манифестација со изложба и културно забавна приредба, на која ќе се презентираат резултатите од овој Проект, на која се очекува масовно присатво од населението од овој крај.

За одобрениот грант од страна на Фондациите СОРОС и Белгискиот крал БОДУЕН, граѓаните од Лешок и соседните 12 села, се бескрајно благодарни и ветуваат дека ќе се организираат сите заедно успешно да го реализираат овој Проект.
Младите од Лешок го подржуваат овој Проект и ветуваат дека ќе спроведат активности за мегусебно запознавање на младите од Лешок и соседните села од различно етничко потекло, а со цел за откривање и трајно зачувување на живото културно наследство од овој крај.

 

Здружение ЛЕШОК

 


ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР - ТРИ ГОДИНИ ОД РАЗУРНУВАЊЕТО


Лешок е село со вековна историја, тоа е едно од ретките села во Македонија во кое се вкрстуваат цивилизаците и културите од античко, средновековно и современо време и кое во својата долговековна историја има поминато и градска и селска традиција.
Културните вредности и знаменитости зборуваат за Лешок како важен комуникациски, стратешки, културен и економски центар во кој поминале разни цивилизации, почнувајќи од античко време, Лешочкото кале со остатоците од средниот век кога Лешок бил градска населба позната под името Легенград, потоа зачуваните остатоци од седум цркви ( Св. Врач, Св. Петка, Св. Илија, Св. Никола, Св. Богородица и две цркви под името Св. Атанасиј од 14 и 20 век.
При тоа, посебно би ги истакнале културните и духовните вредности на црквата Св. Атанасиј од 14 век која е прогласена за споменик на културата и е заштитена со закон и која веруваме дека набрзо ќе почне да се реконструира и реновира и да го добие вистинскиот сјај, како што го имала во триесетите години од минатиот век, кога нејзин монах бил рускиот емигрант Теодорит.
Како посебно значаен културен објект би ја споменале и црквата Св. Богородица кој ја изградил големиот македонски просветител и јеромонах Кирил Пејчинович.
Остатоците и знаманитостите на Лешок односно Легенград зборуваат дека ова е село-град на изградба, но и многу освојувања и уништувања.
Лешок во својата историја го погодуваат повеќе воени разурнувања и уништувања, но после секое разурнување поново се изнаогаат сили да се обнови на старите темели и како феникс да светне со сиот свој сјај.
Така се случи и 2001 година на 21 Август во 3 часот и 10 минути изутрината, кога вандали од 21 век ја разурнаа црквата Св. Атанасиј во Лешок, но вандалите не успеаја да го уништат духот и гордоста на македонскиот народ и неговиот градителски дух и ген.
Народот се обедини и се организира на разни начини, а помогнаа и мегународните фактори и во 2003 година отпочна да го обновува Лешочкиот манастир, со што се врати вербата и духот во иднината на заедничкото живеење и дека правата иднина е во културното натпреварување на народите.
Фотографиите за сјајот и убавините на Лешочкиот манастир беа надалеку познати, а најзаслужен за старите фотографии од почетокот на минатиот век е првиот Лешочки фотограф Спасо Милосавлевски кој е Лешочки Манаки. Неброени се убавите доживувања и спомени на многу генерации во минатото кои се случиле во ова духовно место и само фотографиите и пишаните доживувања може да не вратат и барем малку да ни ги доловат тие убави спомени.
Не можеме овде да не ја споменеме и прекрасната песна Сардисале Лешочкиот манастир, која македонскиот гениј ја испеал по повод сардсивањето на манстирот на 28 Август 1905 година на Голема Богородица.
Сликите за разурнатиот Лешочки манастир од 2001 година ги преплавија страниците на светските медиуми и ја разбудија свеста и совеста начовештвото.

Но, сега и сликите за обновувањето на Лешочкиот манастир постојано се на страниците на медиумите во земјата и во светот и говорат за текот на обновата и постепеното враќање на претходниот сјај и убавина на Лешочкиот манастир.
Како надополнување на овој текст објавуваме повеќе фотографии кои говорат колку е значајна фотографијата како документ со кој може да се следи развојот, уривањето и повторното обновување на Лешочкиот манастир.
Се надеваме дека во 2005 година Лешочкиот манастир ќе биде целосно обновен и ќе може да го овековечиме во целосниот сјај и убавина.

 

Текст и фото: Митко Спироски

 

 

 

 

 

Вовед во книгата

Низ македонската земја
од
Ванчо Меанџиски

 


СИЛНА ЉУБОВ КОН ТАТКОВИНАТА

Во триесет години професионална новинарска дејност Ванчо Меанџиски оставил забележителни траги во македонското новинарство. Тој ги поминал сите фази и рубрики( од градската, културната, дневната, па се до внатрешно политичката). Во текот на овие долги години на активно занимавање со новинарската професија што Меанџиски ги поминал во тогаш водечкиот дневен весник “Нова Македонија” тој објавил и некоку новинарско - публицистички книги. Основната нишка , пак, што ги обединува и поврзува неговите новинарски написи и книги е силната љубов кон татковината. Истата оценка важи и за најновата книга на Меанџиски” Низ македонската земја”.
Книгата “Низ македонската земја” неодамна ја објави издавачката куќа “Пирин” од Скопје. Компзициски книгата е поделена на шест делови: “Од новинарскиот бележник” , “Егејска сказна”, “Изблици”, “Странствувања”, и “Јане Сандански”. Секој од овие циклуси содржи понеколку живи записи за татковината и нејзините проблеми. Може да се каже дека Ванчо Меанџиски во неговата книга слика еден модерен портрет на современа Македонија, кој е исполнет со љубов кон нејзините убавини и болка поради нејзиното осакатување. За посетителите на нашата ВЕБ страница посебно е интересен фактот што првите две репортажи напечатени во книгата се однесуваат на Лешок, односно лешочкиот манастир. Исто така и кориците на книгата се со мотиви од околината на Лешок и на манастирот од Лешок, а фотографија е на Борче Спироски од Лешок.

Инаку, ако книгата се посматра во нејзината севкупност ( целина ), тогаш може сосема слободно да се каже дека станува збор за една широка палета од описи, која што ја опфаќа целата емотивна панорама на душата, а таа се простира од восхитеноста спрема божествената убавина на Пирин Планина, до силната болка што го “распорува” срцето поради разурнувањето на Лешочкиот манастир “Свети Атанасиј”, од “Големото македонско срце на забрдени” до еколошката катастрофа на реката Брегалница. И уште еднаш ќе подвлечеме дека сите овие чувства и мисли се допираат, испреплетуваат во една точка и можат да бидат именувани со еден единствен збор - љубов кон Македонија.
Ако пак поинаку ја опишеме суштината на оваа мала според бројот на своите 184 страници, но голема со своите содржини книга, тогаш нема подобар начин од оној што го одбрал нејзиниот автор, кој за таа намена ги одбрал зборовите “растајнување на македонските убавини”. Имено. Ванчо Меанџиски со овие зборови го озаглавил предговорот на книгата.

Авторот: Ванчо Меанџиски е роден на 04.10.1950 година. Од 1970 година живее во Скопје, каде што заврши филилошки факултет - група македонски јазик. Денес работи како професионален новинар, а досега ги објавил следните новинарско-публицистички книги: “Горди Синови”, “Од ден во ден”, “Танцот на балканските сеништа”, “Македонско еколошко ноктурно” прв и втор дел, и “Низ македонската земја”.
Меѓутоа, неговата дејност е ограничена само на новинарското поприште. Голем е неговиот придонес и како преведувач, особено од бугарски јазик. Најзначајни преводи на Меанџиски се спомените на македонскиот револуционер од предилинденскиот и илинденскиот период Петар Манџуков, како и мемоарите на пиринскиот Солженицин - Крум Монев, објавени под наслов “Македонија мојата потпора”.

 

ПОВЕЛЕТЕ НА ЛЕШОЧКО ТАВЧЕ ГРАВЧЕ

 

Во Тетовскиот крај и посебно во Лешок, домаќинките приготвуваат многу вкусни, хранливи и здрави традиционални македонски јадења. Најпознато и најпрочуено јадење е тавче-гравче, кое се прави од прочуениот по вкус и квалитет тетовски грав, кој се одгледува во нивите на најплодната равница во Македонија- Полог.
Сите домаќинки во Лешок приготвуваат тавче-гравче, но, ние ќе ја споменеме домаќинката Велика Петковска од Лешок, на која ЛЕШОЧКОТО ТАВЧЕ -ГРАВЧЕ беше одбрано како фоторецепт за месец декември 2003 година, од страна на Месечната ревија ЖЕНА бр. 624 /2003. Домаќинката Велика го приготвува тавче-гравчето на традиционален лешочки начин и истото е со извонреден вкус.
Има многу варијанти за приготвуивање на гравчето и посно и со месо и во грне и во земјена тава ( каленица), како салата и слично, значи, колку домаќинки и толку начини на прготвување на гравчето.
Но, гравчето ќе биде уште повкусно, ако претходно се замезите со салата од зелка, краставици, пиперки или патлиџани од лешочките бавчи и ако пивнете природна лешочка сливова, лозова или јаболкова ракија од Погонот за производство на природна ракија РИСТСКИ КОМПАНИ сопственост на Злате Ристоски од Лешок и ако заедно со гравчето го пробате и лешочкиот леб, кој е како сомун, кој се приготвува на стар и традиционален начин во фурната на дрва ЈОЗО ТЕКС сопственост на Ѓоко Ковачевски од Лешок.
Да Ве потестиме дека со гравчето многу добро одговара рибата пастрмка уловена од лешочката река, многу е вкусно и шарпланинското ќофте и плескавица, но уште повкусни се кубасиците со свинско месо и праз приготвени на лешочки начин и на крајот не смеете да заборавите да наздравите со природно рујно вино црвено направено во лешочките визби.
Единствен е начинот на традиционално приготвеното тавче-гравче на Лешочки начин и ние Ве повикуваме да дојдете во Лешок, а посебно за Голема Богородица во деновите 27, 28 и 29 Август 2004 година, при што ќе бидете во можност да го пробате на лице место Лешочкото тавче-гравче и другите лешочки специјалитети.
Гравчето може да го пробате и да уживате во неговиот извонреден вкус, ако ги посетите Лешок и ако го посетите едно од трите бифиња: Бифето ДИДИ-М сопственост на Живко Ацевски, потоа во бифињата на Стојанче Богдановски и на Борче Кироски.

Повелете во Лешок, ќе бидете љубезно и гостопримливо пречекани од Лешочани и ќе имате ретка можност да уживате во прекрсниот амбиент на Лешок и Шар Планина.

Текст: Митко Спироски

 

РУСКИТЕ МОНАСИ ВО ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР

 

Лешочкиот манастир Св. Атанасиј Александриски е изграден во првата половина на 14 век. Од тогаш па до 2001 година имал свој развој и стагнација, пропратени со полесни и трагични моменти. Низ неговите ќелијни светилишта и конаци поминале голем број на знаени и незнаени верници, патешественици, учени и намачени христијани.
Едни од нив биле и руските емигранти, хумано згрижени по руската револуција во 1917 година. Овие монаси со себе го донеле и сребрениот кивот со моштите на светителите Пахомиј , Петар Коришки, Австатиј и на лешочкиот игумен Аџи Езекил кој денес се наоѓа во тетовската црква Св. Кирил и Методиј. Од редовите на руските монаси во еден период монахот Серафим бил игумен на манастирот. За негово време се градела црквата Св. Атанасиј, која е разурната во 2001 година.
По завршетокот на Втората светска војна игуменија на манастирот била монахињата Матушка која во 1961 година била преместана во манастирот Св. Илија, во селото Чифлик, каде и починала.
За време на престојот на монасите во манастирот, меѓу нив се наоѓал и монахот Теодорит. Низок по раст но вреден, предузимлив и работлив. Слушајќи од мештаните дека над манастирот се наоѓа локалитет со топоним Стар манастир и се гледале траги од црквата, Теодорит се заинтересирал за овој локалитет и во 1927 година започнал да го раскопува. При раскопувањето, Теодорит бил изненаден од богатите пронајдени остатоци од разурнатата црква на мермерен иконостас, чесната трпеза, архиерејскиот трон, крстилница, три сархофази од кои еден на ктиторот кој воедно бил и прв полошки епископ.
Вчудоневидени од вредните богати археолошки пронајдоци, веднаш бил известен скопскиот митрополит Варнава и скопскиот универзитетски професор Радован Грујиќ. Двајцата дошле на лице место за да се уверат. Тогаш митрополитот Варнава му дал полна поддршка, а професорот Грујиќ ги проучил сите предмети и трудот го објавил во гласникот на скопското научно друштво број 13 во 1933 година под наслов “ Полошко - тетовска епархија и манастир Лешок”.
Теодорит , потоа, старите зидови ги доградил и објектот го заштитил со покрив. Внатре, во црквата поставил икони, направил иконостас и црквата ја оспособил за богослужби. Покрај неа, направил мала куќичка во која тој живеел. Јужно од црквата, направил камбанарија. Секојдневните потреби ги добивал од послугата на манастирот, давајќи им сигнал со свирење во рог.
Теодорит се упокоил во 1939 година, го погребале јужно од црквата. Месното население , секоја година во очи на Атанасовден, на 30 Јануари, традиционално го посетува ова свето место. Меѓутоа, со немирите во 2001 година, црквата е многу уништена. Внатре има ископано ровови, разурнат е саркофагот, разурнати се пиластрите со еден збор извршено е целосно трагичен вандализам. И не само тоа, туку е раскопан и разурнат и гробот на Теодорит, како што направиле и со гробот на Кирил Пејчиновиќ во новиот манастир.
Овој текст го пишуваме со цел да ја запознаеме пошироката јавност со богатството на културата во Лешок и Лешочките манастири и културната традиција и соработка на македонските и руските духовни лица во минатото, со надеж и желба оваа соработка да се обнови и продолжи и денес и заеднички да се организираме да ги обновиме резрушените духовни светилишта во Лешок и им оддадеме достојно внимание на македонските духовни лица од минатото, но и на духовните лица од Русија кои оставија големи културни и духовни траги во македонските цркви и манастири во минатото.

Автор: Илија Петрушевски

 

Планинари во Лешок и Генов Камен на Шар Планина

На 24 и 25.07.20004 во Лешок имаше уште еден значаен настан. Имено, во организација на Планинарско друштво Љуботен од Тетово, во Лешок во преубавите дворови на Лешочкиот Манастир беа собрани планинари од повеќе планинарски друштва од Македонија. Во сабота навечер, на 24.07.2004 г.имаше организирано музичка манифестација.Се пееше и играше до доцните вечерни часови, а утредента, во неделата на 25.07.2004 година планинарите почнаа поход до Генов Камен, во месноста Плоча на Шар Планина. Планинарите кои прв пат го посетуваат Лешок, беа воодушевени од убавините на селото Лешок со Лешочкиот Манастир и посебно со питорескната убавица Шар Планина.

Довидување до следниот поход на Шара, при што Здружението Лешок ги повикува извидниците и планинарите во Македонија оваа традиција да ја негуваат и редовно одржуваат.

Лешок, 27.07.2004
Здружение Лешок

 

 

Духовно наследство: Продолжува обновата на Лешочкиот манастир.

МУ СЕ ВРАЌА ЛИКОТ И ДУШАТА НА
ДРЕВНОТО СВЕТИЛИШТЕ
Ванчо Меанџиски

Манастирот “Свети Атанасие” во тетовското село Лешок низ долгите и мрачни векови од трагичната македонска историја бил едно од најзначајните духовни средишта , но и силен светилник и многу цврст бедем во одбраната на автентичните културно - национални и духовни белези на нас македонците.. Овој манастир е особено значаен за духовното опстојување на македонското население кое живее во Полошката котлина.
Сепак, битно е да се каже дека долгата и бурна историја на манастирот “Свети Атанасие” не ретко била и трагична. Имено, ова наше духовно светилиште во повеќе наврати низ историјата преживуваше многу тешки моменти. Манастирските цркви , па и конаците, повеќе пати досега беа жртви на разни стихии, од кои најдлабоки лузни и исклучително тешки последици предизвикуваше деструктивното човечко однесување.
Така беше низ историјата, а истата ситуација се повтори и за време на последниот жесток атак врз црквата “Свети Атанасие” од истоимениот манастирски комплекс. Како што веќе е многу добро познато, во воените дејства што во текот на 2001- та година се водеа во тетовско, модерните варвари од редовите на албанците ја кренаа во воздух токму соборната црква “Свети Атанасие”. По некое чудо неразурнат остана само предниот влезен дел на црквата, поточно, поставениот динамит него не го урна.
Цела една година разурнатата црква од манастирскиот комплекс во Лешок стоеше негибната и највпечатливо сведочеше до кои граници може да стигне човечкото безумие. Во текот на летото 2002 година беа преземени првите конкретни чекори за санација на тешките оштетувања што беа направени. За почеток беше извршено расчистување на теренот од урнатините, а потоа беа спроведени и другите неопходни подготовки со цел да можат непречено да се одвиваат натамошните градежни и други работи на објектот
За координатор на активностите околу обновата на црквата “Свети Атанасие”беше одреден Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, додека комплетен финснсиер на овој зафат (градежниот дел со Иконостасот) е меѓународната заедница. Поточно, целиот овој проект го финансира Европската заедница за реконструкција при европската унија. Доградбата и обновата на црквата се одвива во неколку фази а завршувањето на работите е точно предвидено за летото 2005 година.. Работите на овој деликатен и според многу нешта чувствителен зафат, како што веќе рековме, ги координира Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Фактички, Заводот е претставен со екипа од тројца специјалисти. “Мозокот” на оваа екипа од редица причини, сепак е дипломираниот инженер архитект Цветанка Хаџи Пецова.
За досегашниот дел на работите , но и за непосредните претстојни активности околу доградбата и обновата на црквата деновиве разговаравме токму со најупатениот во оваа проблематика госпоѓа Цветанка Хаџи Пецова.
- Уште со првобитно изготвениот проект е предвидено да му се врати претходниот сјај на зачуваниот дел на црквата, а тоа се две влезни кули и камбанарија со нартекс, додека централниот дел, наосот и одарниот простор, бидејќи се целосно разурнати, ќе бидат обновени од темел , вели Хаџи Пецова.
СпоредХаџи Пецова, проектот за конструктивното зајакнување на зачуваниот дел од црквата и за целосното реконструирање на разурнатиот дел го изработи ИЗИИС од Скопје, додека проектот за конзервација и реконструкција на архитектурата на црквата е изготвен од стручњаците на Републичкоит завод за заштита на спомениците на културата.
Госпоѓата Хаџи Пецова исто така не информираше дека кај делот што целосно ќе се реконструира, се задржува истата архитектонска форма, се враќа истиот материјал кој претходно беше грижливо селектиран. Единствената промена е што во дебелината на зидовите се вметнува нова челична конструкција според проектот на ИЗИИС. Меѓу двата дела, зачуваниот и оној што ќе биде обновен од темел, се планира дилатациона фуга. Освен тоа, вели Хаџи Пецова, со проектот е предвидено покрај архитектонскиот да се изведе и дел од ентериерот. Станува збор за изработка на нов иконостас и на владичкиот трон ( во централниот дел што ќе се гради од темел). Со проектот е предвидена и реставрација на фрескоживописот, но само во зачуваниот дел од црквата. Според проектот, исто така е предвидено и уредување на непосредниот дел околу црквата како и реставрација на гробот на Кирил Пејчиновиќ, еден од најмаркантните игумени на манастирот и истакнат македонски просветител од 19 - ти век.
Госпоѓата Хаџи Пецова во неодамнешниот разговор не информираше и за тековните активности што се одвиваат на планот на обновата на разурнатата Соборна црква “Свети Атанасие” од истоимениот манастирски комплекс во Лешок.
- За годинашните зафати, потенцира Хаџи Пецова, е карактеристично тоа што целокупните градежни активности се насочени врз реконструкцијата на разурнатиот дел на црквата. Завршени се и декоративните апликации на фасадните површини. Уште еднаш ќе подвлечам, сметам дека тоа е навистина многу важно, вели хаџи Пецова, дека со реконструкцијата црквата ги задржува : својата оригиналност, , димензии, форма и облик ( ист архитектонски концепт и план како и пред разурнувањето ).
- Овде треба да се наведе и тоа, смета госпоѓа Хаџи Пецова, дека за надворешното обликување на црквата се користат фасадни блокови. Покрај зачуваниот камен, на одделни места се изработуваат идентични блокови . За таа цел ангажиравме петмина мајстори - каменоклесачи од градот Корча, Албанија, кои рачно ги изработуваат потребните блокови.
Госпоѓата Хаџи Пецова инсистира посебно да се укаже на фактот дека реконструкцијата на црквата “Свети Атанасие” се врши според утврдениот динамички план на Европската унија . Според тој план, околу Голема Богородица ( 28 Август ) треба да се започне со работа на централната купола како завршница на реконструкцијата ( зидањето на разурнатата црква).
- Во изминатиов период, нагласува Хаџи Пецова, веќе се завршени 50% од градежните работи на објектот ( црквата ). Освен тоа, врз основа на тендер веќе се одбрани и двајцата мајстори - резбари: Зоран Георгиев од Штип ќе го изработи дрвениот резбан иконостас , а Гоце Крстевски - копаничар од Битола , поточно неговото уметничко ателје “Пердика”ќе го изработи владичкиот трон.
Успешноста на изведбата на секој проект според утврдените стандарди задолжително го вклучува и надзорот. Во случајот, со изведбата на проектот за доградба и реконструкција на манастирската црква во Лешок оваа задача и е доверена на фирмата “Етапа” претставувана од професор д-р Драги Велков - статичар и д-р Лазар Шуманов. Непосредните изведувачи, другите разни специјалисти и тие како врвни експерти треба заеднички да придонесат до Јуни 2005 година да се заврши реконструкцијата на Лешочкиот манастир “Свети Атанасие”, а веднаш потоа и да им се врати на верниците, односно да си го продолжи својот нормален живот. Со тоа, пак, поточно со чинот на возобновувањето ќе му се врати ликот и душата на ова древно македонско светилиште на сеопшта голема радост и на верниците и на нашите божји заштитници и чувари на христијанството.

Скопје, 12.07.2004 година. Ванчо Меанџиски

Авторот го напиша текстот по барање на Здружението Лешок за објавување на Веб страната Лесок и истиот беше објавен во Утрински Весник од 16 Јули 2004, а фотографијата беше на Митко Спироски