Култура

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Oтпочна реализирање на проектот СОРОС

ПРОЕКТОТ “МЛАДИТЕ И ПРЕДАНИЈАТА ОД ЛЕШОК И СОСЕДНИТЕ СЕЛА” СЕ СПРОВЕДУВА СПОРЕД ПЛАНИРАНАТА ДИНАМИКА

Здружението ЛЕШОК, Активот на младите од Лешок и Месната заедница од Лешок ги презедоа сите активности за спроведување на проектот “Младите и преданијата од Лешок и соседните села”.
До сега се одржани неколку состаноци со месното население од Лешок, Активот на младите од Лешок, Активот на жените и Месната заедница од Лешок, на кои присутните беа запознати со ПРОЕКТОТ и неговата основна цел: меѓусебно запознавање, зближување и дружење на младите од селата со мултиетнички состав, вклучени во проектот. Исто така, се одржаа неколку состаноци со претставници на месните заедници од селата, вклучени во овој проект, на кои беа присутни и претставници од засегнатите општини Теарце и Џепчиште како и претставници на неколку невладини организации.

Првата заедничка средба со месното население од Лешок, Месната заедница, Младинскиот актив на Лешок и Активот на жените од Лешок, се одржа во Лешок на 16.01.2005 година, на која присутните беа детално запознати со замислата на проектот и неговата главна цел. На оваа средба беа поканети и од неа известуваа: телевизиите “КИС”, “Менада” и дневниот весник “Утрински весник”. Вредно е да се одбележи дека присуството беше огромно, така што просторијата каде се одржуваше средбата ( училницата од Основното училиште во Лешок ) беше претесна да ги прими гостите, па многу од нив останаа во ходникот на училиштето. Огромното присуство и искажаните убави критики за проектот е гаранција која ветува негово успешно реализирање.

Втората средба се одржа, исто така, во Лешок, на 22.01.2005 година, на која беа поканети и присуствуваа претставници на месните заедници од селата, вклучени во проектот и тоа: Лешок, Слатина, Варвара, Једоарце, Сетоле, Отуње, Џепчиште и Глоѓи. Од селата што се со мултиетнички состав, беа поканети и присуствуваа претставници од секоја етничка заедница. И од оваа средба известуваа тетовските телевизии “КИС”, “Менада”, како и албанските телевизии од Тетово ТВ “АРТ”и ТВ “КОХА”и новинар од “Утрински весник”.
Целта на средбата беше да се запознаат со проектот и селата вклучени во проектот, поддржан од СОРОС .
Голема поткрепа дека проектот успешно ќе се реализира беа убавите зборови за проектот што ги искажаа сите присутни на средбата а посебно претставниците од албанската етничка заедница од селата: Слатина, Џепчиште и Глоѓи : Адем Адеми, Насир Јонузи и Аќим Амити.
Беше донесен ЗАКЛУЧОК на 30.01.2005 година да се одржи средба со претставниците на месните заедници што не присуствуваа на оваа средба на која да се поканат и претставници на општините, засегнати со овој проект: Теарце, Џепчиште, Јегуновце и Вратница.
На жалост, средбата на 30.01.2005 година не се одржа бидејки, освен претставници на Здружението “ЛЕШОК”, Месната заедница од Лешок, Месната заедница од Слатина и претставник од општина Теарце, претставниците од останатите села и општини не дојдоа на средбата, веројатно поради лошите временски услови.
Присутните се договорија оваа средба да се одржи на 06.02.2005 година во Слатина.

На средбата во Слатина, што се одржа на 06.02.2005 година, имаше потреба уште еднаш да се запознаат присутните со проектот, бидејки имаше претставници од села кои не беа присутни на претходните средби.
Најнапред, зборуваше Спироски Митко-претседател на Здружението Лешок и одговорен за реализирање на Проектот, при што ги запозна присатните со Проектот и начинот на организирање за успешно да се реализира.
Главниот координатор на проектот Борис Момироски го објасни начинот на кој треба да се собираат усните преданија и предмети за музејска поставка.
Од оваа средба произлезе ЗАКЛУЧОК координаторите од селата заедно со главниот координатор на проектот да се состануваат секој месец, за да се информираат меѓусебно за сработеното во изминатиот месец, како и да го запознаат главниот координатор со евентуалните проблеми со кои се соочиле при работата на терен со цел истите да се отклонат.
На оваа средба беа присутни: претставници на Здружението “ЛЕШОК”, Месната заедница од Лешок , месните заедници: Слатина, Џепчиште, Теарце, Непроштено, Глоѓи, Варвара, претставници на општините Теарце и Џепчиште и претставници на Невладините организации “Младинска алијанса” - Тетово, “Милениум” - Слатина и “Орхидеја” - Теарце.
Одделна средба Здружението одржа во Ратае со претседателите на месните заедници од Жилче и Ратае, Ѓорѓевиќ Тодор и Тошевски Тони, бидејки овие не беа во можност да дојдат на средбата во Слатина, на која беа запознати со проектот, а кои се обврзаа дека ќе определат координатор и активно ќе учествуваат во реализација на проектот.

Слатина, 06.02.2005 година. Здружение ЛЕШОК

 

ПЕСНИ

Во Слава на Свети Атанасиј и Свети Илија


Еден е Илија
за Лешок и Лешаните
што ја збира културата низ вековите
и во книги ја преточува.
И кога еден ден ауто на улица го згази
Свети Атанасиј и Свети Илија глава му спаси,
нови податоци за Лешок да прибира
и во книги истите да ги збира.
Фала му на Свети Атанасиј и Свети Илија
на Лешок што му го дари Илија.
Фала му и на Илија
се што прави за Лешок и Лешаните.
И нај на крај,
Илија, знај,
и Мите од Лешек
вечно ќе те слави
и никогаш нема да те заборави.


напишал: Спироски Митко
Лешок, 28 Август 2003 год.


Уште две нови песни од учителката Наташа Антовска и учениците од Лешок

 

Нови песни од учителката Наташа Антовска и учениците од Лешок

 

 


ПРАЗНУВАЊЕ НА СВЕТИ АТАНАСИЈ НА 30 ЈАНУАРИ 2005 ГОДИНА ВО ЛЕШОК

И оваа година како и многу години наназад убавата традиција продолжува. Имено, неколку години православниот христијански празник се празнува во Лешок во една величенствена општонародна атмосфера. Празникот традиционално отпочнува да се слави најнапред во Лешок на 30 Јануари, со што се најавува празникот за наредниот ден и во другите места во Полог и пошироко.
Оваа година паричката и среќата му се насмеаа на Петрески Владо и кумството го презеде од годинешниот кум Поповски Јастре.
Кумот Владо Петревски е роден во Варвара, а работи во претпријатието Авто Чајка од Тетово, каде и живее со својата фамилија. Оваа година среќата ја проширивме и надвор од Лешок и кумството се прошири во Варвара, благодарение на блиските и пријателски контакти кои традиционално ги одржуваат Месните заедници од Варвара и Џепчиште, со Месната заедница од Лешок, односно со Здружението Лешок. Веруваме дека во наредната 2006 година пријателствата на Лешок ќе ги прошириме и дека на прославата ќе присаствуваат и комшиите од другите соседни села Слатина, Непроштено, Ратае, Жилче, Теарце, Глоѓи, Брезно, Једоарце, Сетоле, Отуње и други села од Долни Полог.
Кумовите се редат во оро еден до друг и не знаеме кој од кој е подобар и кога ни беше поубаво. Јас знам дека секогаш ни беше прекрсно, незаборавно и наповторливо.
Зарем може да го заборавиме Кумот Вјекослав Сушија ( Славко-Цор) заедно со кумата во 2002 година, кога празникот го славевме во тешко и недефинирано време, кога црквата Св. Атанасиј беше разрушена. Има ли некој кој може да го заборави Кумот за 2003 година Гоко Ковачевски ( Гоко-Кунда) со сопругата Снеже, кои направија се да го прославиме празникот величнствено, гордо и достоинствено и со искра надеж дека има иднина во нашето заедничко живаање, иако пред нашите очи беа рушевините од црквата. Само тие што не беа присатни, нема да се сеќаваат на убавите моменти и пречекот кој ни го приредија Кумот Никола Ристовски со сопругата Борка во 2004 година.
И еве оваа 2005 година на 30 Јануари уште еднаш незаборавни и величенствени доживувања ни приредија Кумот Јастре Поповски ( Јастре - Шатка ) и кумата Вука од родот Лалошои од Лешок.
Кон севкупната атмосфреа ни се приклучи и Господ кој ни подари кристално бел и чист снежен јорган од пола метро и прекрасно небо без облаци и јасно и светло Сонце кое ни го осветли патот и визијата за поубава иднина за сите кои живееме на овие простори.
Но, сега навистина можеме и реално да сме оптимисти во нашата посветла перспектива, бидејќи се обеденија снагите и во земјата, но и во светот во градењето на нашата, но и на нивната европска иднина.
Сега навистина сме оптимисти, бидејќи и црквата интензивно се гради и веќе го доби својот кров од црвен бакарен сјај, кој ни ги стопли душите и срцата, за да можеме оваа година со пошироко срце да го празнуваме празникот Атанасовден и со нетрпение да го исчекаме и свеченото осветување на црквата Св. Атанасиј и да светне во правиот сјај Лешочкиот манастир.

Нека ни е честит и вековит празникот Атанасовден и нека им е честита слава и именден на сите православни верници.

текст и фото: Митко Спироски


Нашите учители

Во месец Јануари 2003 година, Здружението ЛЕШОК подари донација еден компјутер и штампач за учениците на Основното училиште Кирил Пејчиновиќ од Лешок.
По тој повод, а како благодарност за добиениот компјутер учителките Наташа Антовска и Богдановска Јасмина, заедно со учениците приредија незаборавна приредба вокоја учениците рецитираа песни, кажуваа скечови и испеаја неколку песни, за што беа бурно наградени со ракоплескање од гостите.

Учителката Наташа Антовска и децата приредија едно ретко убаво издание на Публикација под наслов: НАШИТЕ УЧИТЕЛИ во која учениците ги искажуваат своите творечки дарби како млади поети и ликовни уметници.
Но, ние не можеме со зборови да го опишеме нивното заедничко уметничко дело, па затоа се одлучивме да го објавиме во целост на нашата Веб страна, за да може повеќе луге да уживаат во нивното оригинално дело.
Во иднина на Веб страната ќе ги објавуваме составите и песните на учениците од Лешок за да може да се прочитаат многу подалеку.
Во рамки на Проектот Младите од Лешок и соседните села кој го одобри Фондацијата СОРОС, под раководство на учителката Наташа Антовска, учениците ќе ги запишуваат во тетратки и ќе ги снимаат на диктафони разни народни песни, поговорки, прикаски, гатанки, легенди, досетки и други народни умотворби од Лешок и како се собираат ќе бидат исто така објавувани на Веб страната Лешок.
Во текот на месец октомври 2005 година од собраните народни умотворби ќе се издаде Билтен на народни умотворби, а ќе биде организирана и приредба во која учениците ќе рецитираат песни, ќе кажуваат скечови и ќе пеат и ќе играат песни и ора.


Здружение ЛЕШОК

 

Ликот на Кирил Пејчиновиќ насликан од академскиот сликар Новица Трајковски
Манастирот Хилендар на Света Гора каде престојувал јеромонахот Кирил Пејчиновиќ

 

 


ЛЕШОК - Центар на културното и духовно наследство на Шара и Полог

 

Лешок се наоѓа во северозападниот дел во Република Македонија на оддалеченост од околу осум километри од Тетово на магистралата Тетово-Јажинце кон границата со Србија и Црна Гора во делот на Косово.
Лешок е оддалечен од аеродромот Петровец во Скопје преку автопатот Петровец - Скопје - Тетово во должина од 70 км. како и преку аеродромот Охрид кој е оддалечен 140 км. преку магистралниот пат Охрид-Кичево-Гостивар-Тетово-Скопје.
Лешок се наоѓа на надморска височина од 500 - 650 метри, на падините на прекрасната Шар Планина.
Лешок заедно со Ѓенов камен во месноста Плоча и Три Воде на Шар Планина изобилуваат со прекрасна природа и заслужуваат да бидат прогласени туристичка зона со негибната и еколошки чиста природа. Бујната вегетација на Шара со големите пространства на шума од костен, бука, даб, лешник, ореви, сливи, багрем и други широколисни растенија, заедно со шарпланинските реки Лешочката река и Бистрица во кои има речна пастрмка, како и големите и долготрејни снежни наноси, придонесуваат воздухот да изобилува со кислород и климата да биде многу пријатна за одмор и рекреација на туристите. Лешок изобилува со вода од Лешочката река, а има и неколку извори на кисела вода, која е многу вкусна за пиење.
На помалку од 30 километри од Лешок е прекрасниот скијачки центар Попова Шапка на питоресктната Шар Планина и на околу 40 километри е скијачкиот центар Маврово сместен на планината Бистра, потоа на 15 километри е атрактивниот за планинари врв Љуботен, а на само неколку километри од Лешок се врвовите Плоча и Три Воде кои се богати со дивеч и доаѓаат многу ловџии од земјата и странство.
На помалку од два километри од Лешок во селото Џепчиште се наоѓа најмалиот етнолошки музеј на светот кој е пријавен за Гинисовата книга на рекордите и кој располага со преку 1.150 стари музејски експонати, а интересно е да се посети и Тетово кое е на само седум километри од Лешок, во кој вреди да се посети старата чаршија на Тетово, Шарената џамија, Музејот на тетовскиот крај, Арабати баба теќе и др.
Лешок има долга, богата и бурна историја и култура кои се исполнети со подеми и падови. Лешок како населба се спомнува уште во античкиот период и тоа како градска населба со буен економски, општествен и духовен живот, при што се тврди дека градот бил епископско седиште на Полошка котлина. Во средниот век се споменува со името Легенград, од кој се зачувани остатоците од Лешочкото кале, кое се наоѓа на брдото веднаш над Лешочкиот манстирски комплекс.
Месното население го нарекува Лешек, најверојатно поради словенското потекло, кога словените се преселиле на Балканот.
Во разни документи се споменува дека во Лешок со околината имало дури 44 цркви. Денес во Лешок има три активни цркви и една капела-параклис ( Св. Атанасиј од 14 век, Св. Атанасиј од 20 век, Св. Богородица од 19 век и капелата-параклис Св. Кирил и Методиј од 20 век сместена во конакот , како и остатоци од пет цркви и параклиси од средниот век ( Св. Никола, Св. Врача, Св. Петка, Св. Марена и Св. Илија ).
Посебно би ги истакнале културните и духовните вредности на црквата Св. Атанасиј од 14 век, која има древна старост и била седиште на првиот полошки епископ Јоаникије, и која со Закон е прогласена за споменик на културата.
Исто така, значаен културен објект е и црквата Св. Богородица, која големиот македонски просветител и јеромонах Кирил Пејчиновиќ, после враќањето од манастирот Хилендар на Света Гора, ја доградил на темелите стара црква од среден век, при што има многу вредни фрески кои датираат од 17 и 19 век, при што би ги споменале мијачките зографи Михаил и Панајот од Галичник, при што ќе го споменеме и иконостасот кој го изработил во 1879 година познатиот мијачки мајстор Михаил Ѓурчинов од Галичник.
Имено, црквата Свети Атанасиј има долги традиции, богата и славна, ама и полна со трагични настани историја, при што повеќе пати е пален или уништуван и обновуван.
Последен трагичен настан беше вандалското рушење на црквата Свети Атанасиј во август 2001 година.
Народот се обедини и се организира на разни начини, при што во 2002 од група лешочани беше формирано Здружението за обнова и ревитализација на Лешок и Лешочкиот манастир ЛЕШОК во Скопје.
Здружението е активен учесник во организаирањето на ревијалниот дел на Тетовскиот фолк фест 2004, кој се одржа во Лешочкиот манастирски комплекс и кој во иднина традиционално секоја година ќе се одржува во Лешок, потоа членовите на Здружението се учесници и на повеќе црковни или културни манифестации: неописиво е доживувањето на посетителите на сенародното празнувањето на црковниот празник Голема Богородица кој традиционално секоја година се одржува во Лешок на 27 и 28 Август и на кој минатата година дојдоа преку 25.000 посетители, потоа многу е интересно да се присатвува на народното и црковно празнување на Св. Атанасиј -зимски кој се одржува традиционално на 30 јануари и Св. Атанасиј- летен на 15 мај, потоа многу атрактивно и интересно да се присатвува во Лешок на празнувањето на Св. Трипун- денот на винарите кој традиционално се одржува на 14 фебруари.
Црквата и Здружението во мај 2005 година, планираат да организираат прослава по повод 160 години од смртта и во чест на ликот и делото на големиот македонски просветител и јеромонах Кирил Пејчиновиќ и истата во иднина да прерасне во традиционална.
Во јули 2005 година иселениците од Лешок ќе бидат домаќини на Иселеничката средба 2005 година, која ќе се одржи во кругот на Лешочкиот манастир и на која се очекува да дојдат многу иселеници од дојаспората за да присаствуваат на прославата.
Населението со помош Европската унија преку Европската агенција за реконструкција интензивно работат на обновувување на разурнатата црква Св. Атанасиј, при што градежниот дел е во завршна фаза се очекува до јули 2005 година да биде завршен и внатрешниот дел и истата да се освети и поново да светне со сиот свој сјај.
Здружението Лешок направи забележителен пробив во комуникацијата со медиумите и во другото јавно претставување, а мошне значајно е што е промовирана и сопствена ВЕБ страница за Лешок ( www.lesok.org.mk ).
Посетителите кои ќе го посетат Лешок, покрај прекрсната природа, секако неодминливо е да го посетат и атрактивното духовно и културно богатство.
Гостите може да се сместат во конаците во Лешочкиот манастир 10 соби со преку 30 кревети, потоа во планинската куќа во селото Варвара со 4 соби со 12 кревети до Месната заедница во Варвара и на Три Воде планинарски дом со 4 соби со 12 кревети и 8 бунгалови со 16 кревети, сопственост на СИЛМАК Јегуновце .
Домаќините од Лешок и Варвара се многу гостопримливи и ќе Ви организираат интересни доживувања со одење на риболов на Лешочката река и Бистрица и лов на Плоча и Три Воде.
Во Лешок со околните села има голема традицијата на готвење, на прекрасни народни специјалитети: домашни колбаси, шарска плескавица, лешочко тавче гравче, комад, тури-потпечи, сеченца, и други специјалитети, при што неодминливо е овие вкусни јадења да се залиат со домашна ракија и вино од лешочките подруми.
Активот на Млади и Активот на жените од Лешок, вредните жени од Лешок почнаа да прават разни рачни ракотворби и сувенири користејќи ги фолклорните мотиви од Долни Полог.

 

ПРОСВЕТИТЕЛСТВО

КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ
(1771-1845)

 

Кирил Пејчиновиќ

Кирил Пејчиновиќ, еден од првите просветители, писатели од првата половина на 19- ти век, успеал да го обнови манастирот Свети Атанасија во Лешок 1818 година. Имено, по добиената дозвола од тетовскиот паша Абдурахман, Пејчиновиќ го анимирал и мотивирал месното население, а и пошироко, со доброволна работа да го обноват разурнатиот манастир. Реализацијата на неговата идеја целосно ќе го пренасочи идниот животен од на населението од Лешок и полошкиот регион. Така, Пејчиновиќ успеал својата мечта да ја оствари преку визуелната перспектива за духовно богатство, која видно ја експонирала својата целовитост- манастирот Свети Атанасија во Лешок го издигнал во локација на Свето место на жариште на просвета и култура со национално значење и карактер.

 
Училиште

Во 1820 година, Кирил Пејчиновиќ отвора училиште во Лешок од отворен карактер, во кое се школувале идни попови и учители од Северозападна Македонија. Најмногу завршени ученици биле од Лешок: поповите: Онуфрие, Никола, Онче, Спасо, Спиро, Петре, Дута, Здравко Попара, но и поп Силвестар од Варвара кој успешно ја продолжил раководната учителска работа на Кирил Пејчиновиќ. Јоаким Сазданов, првиот учител на првото световно училиште во Тетово ( 1832 година ), се школувал во Лешок. Во Лешок се школувал и поп Спиро од Гостивар, поп Гранде од Галичник и други.
Училишниот живот во Лешок, зачнат од Кирил Пејчиновиќ успешно продолжил до почетокот на 20-ти век, потоа училиштето се трансформирало во световно, кое работело во манастирот, а од 1929 година во новоизградена зграда од современ тип, каде училишниот весел детски жагор се слуша и денес.
Во почетокот на 20 век, поточно во 1918/1919 год. прв лешанин кој завршил богословско училиште во Призрен, а потоа и учителско школо е Трпко Онуфриевски кој потоа со голем успех учителствувал и делувал во Лешок. Неговото работење длабоко се врежало во свеста на секој лешанин, бидејќи описменил голем број млади и возрасни и го будел и закрепнувал националниот дух.
Трпко бил преместен од српските асимилатори заради неговото патриотско дејствување, а неговата работа ја презел Нофо кој немал соодветно образование, но со господова дарба и помош успешно го продолжил делото на својот претходник.
Просветителскиот од во Лешок е обележан и со Мито Аврамовски кој завршил Теолошки факултет, а подоцна се стекнал и со митрополитска титула.
Во верската просвета, која веќе се одликувала со долга и богата традиција, свој придонес дале и попот Гиго, Стојче Ристовски- старешина на манастирот, и монахињите Елица Кировска и Трпана Ристовска.
Свој траен печат на варската просвета во Лешок оставиле и надворешни просветители, игумени, старешини на манастирот: Силвестар од Варвара, Езикил од Глоѓи, Гаврило од Велико Трново ( Бугарија ), Меланија од Скопје, Велко и Благоја од Прилеп, Димитрие Крстевски од Глоѓи(сегашен старешина на манастирот).

Најголемиот духовен подем училиштето со вековна традиција го достигна од 1946- 1963 година , кога во него учеа импозантен број на ученици- 150. Во училишните клупи на ова училиште седеа ученици -идни попови, учители, професори, лекари, стоматолози, доктори, правници, економисти, инженери, вкв и други кадри кои во минатото и денес се гордеат со своето потекло.
Голем просветителски придонес за Лешок дале дојдените учители Ананија Гребенаровски, Боце, Васка, Јелица, Ацо, Боро и Бора, Новак и Марица , Рада Симовска, Нада- сите од Тетово, Жика Црногорец, Милисав (Србин), Петар и Борка од Теарце, Јово од Скопје, но и лешаните Елица Николовска и Душанка (Дука) Николовска.
Во овој период се стекнале со учителска диплома, а работеле надвор од Лешок, лешаните: Трпко Николовски, Ротка Филиповска, Трпко Лазаревски, Ќирко Кировски, Томе Качовски, Борис Аврамовски.
Благородната просветителска работа, успешно и доблесно ја продолжуваат наставниците : Борис Филиповски, Тодорка Филиповска, Петре Спировски, Зоран Ристовски, Јордан Момировски, Мира Русевска, Зоран Грковски, односно професорите : Борис Момироски, Делчо поп Ѓигов Спировски, Томислав Ѓорѓевски, Илија Петрушевски, Мирко Симјановски, Раско Мирчевски, Олга Јовановска, Живко Симоновски, Иван Ерновски, Стојче Филиповски,Дракче Ѓорѓевски,Љубица Коцевска, Борис Ивановски, Мирко Јовановски, Петко Ивановски, Мирко Ристовски, потоа Гордана Момироска, Димче Грковски, Андреја Ѓорѓевски, Мирјана Петрушевска, Жаклина Грковска, Анита Симчевска ( Момировска ), Среќко Ристовски, Ивица Поповски.
Ако има неспомнати нека опростат, превидот е ненамерен.
Со особено задоволство, искрена радост и гордост можеме да заклучиме дека почнатиот просветен од, и покрај многуте видови премрежија, незапирливо, континуирано и креативно трае 183 години во Лешок.

 
Литературна дејност

,, Огледало,, му е првото дело на Пејчиновиќ, печатено во Будим 1816 година. Ова е требник, прирачна книга за свештениците која им служела за изведување на црковните свети литургии. Составена е од молитви и прозни содржини за разновидни миси и една долга проповед (,, Слово за празниците,,). Молитвите и црковните обреди се напишани на црковно- словенски јазик, а ,, Словото,, на народен јазик, Лешочко- теаречки народен говор, односно тетовски.

 

,,Слово за празниците,,

Оваа проповед е оригинално дело на Пејчиновиќ и претставува верна слика за состојбата на општественото живеење на македонскиот народ во почетокот на 19- от век.
Во почетокот , Пејчиновиќ ги советува селаните како да ги празнуваат Водици, Прочка и Велигден, но и го критикува суеверието.
За празниците, советува Пејчиновиќ: ,, Да не збеснуемо како мали деца... да не пиемо вино без мера, да не скакамо хоро како безумни што скакаат,, ... да живуемо како браќа, едан за другого да се молимо, едан другого да жалимо, едан другому да помажемо, едан другому тежината да носимо,, .
Се шегува со оние кои носеле разновидни амајлии, талисмани- како заб од волк и сл. Па ќе рече: ,, Вук да можеше да чува чоека , сваки у куќа по едан жив ќе ранеше, да го чува,, . Поповите и оџите ги критикува и вели: ... ,, ако ти речат да ти запишат или да ти прават амајлии да не им веруеш, тија те лажат за паре,, .
Свесен за примитивноста и неукоста на поповите, а знаејќи дека тие треба да бидат духовни водачи на народот , остро се нафрла врз нив и ги нарекува ограбувачи. Знаејќи ги големите даноци за османлиите и давачките за поповите , кога зпрашал еден селанец за односот на попот , ќе му одговори: ,, Каков глобар јес тој поп, махни го тамо, со турци си зема хакот, ако не му го платиш,, .
На друго место поповите ги нарекува ,, чревогодници,, , ,, глобари,, кои не ги поучувале луѓето: ... ,, кажиму на попот да дојде на алишвериш, да прекупи, да препродаде, а за поучение ни мие го прашамо ни он сам ни кажуе,, .
Во Свети Атанасија во Лешок Кирил Пејчиновиќ го напишал делото ,,Утјешенје грјешним,,( ,, Утеха на грешните,, ), а го напечатил во Солун 1840 година. За излегувањето на ова дело , Пејчиновиќ парично го помогнал обновувањето на првата печатница во Македонија, по договорот со печатарот Теодосиј Синаитски кога престојувал во Лешок.
Теодосиј Синаитски го напишал познатиот сликовит ,,Предговор,, ( ,,Предисловие,, ) во ,, Утјешеније грјешним,, со кој му се заблагодарува за помошта за повторно да проработи изгорената печатница, но и ги повикува читателите да го фалат и слават учителот Кирил Пејчиновиќ: ,, Човек кој ретко се среќава кај народот , човек кој се заложил за просветата на македонскиот народ,, . Особено го истакнува, со посебен акцент, народниот јазик, лешочко теаречкиот говор, изворно, колоритно пренесен: ... ,, кој може да го разбере секој, и најпростиот човек,, . Натаму ќе рече дека за јазикот на ,, Утјешеније грјешним,, читателите не можат да речат: ,, Не можеме да знаеме оти ест по словенски или по росијски јазик,,. По своето верување дека народниот јазик е најсоодветното решение за подигнување на духовниот живот на македонскиот народ, среќен и задоволен ќе воскликне: ,, Еве железен клуч кој може да го отвори срцето ваше, срцето на простиот човек, а не клуч од злато или од сребро кој се вие,,.
,, Утеха на грешните,, го афирмирало писателот од Лешок, бидејќи станало неопходен прирачник на секој свештеник во Македонија.
Второто дело напишано во Лешок ,, Житие на кнез Лазар,, , останало во ракопис, а му е посветено на кнез Лазар со многу податоци за Косово и косовската трагедија.
,, Епитафот,, е третото дело на Пејчиновиќ напишано во манастирот во Лешок, а до денес е препознатлив знак на сите генерации средношколци ширум Македонија. Учениците доаѓаат во Лешок да се поклонат на гробот на починатиот писател и да го видат Епитафот на надгробната плоча напишан во стихувана форма, односно во живо да ги прочитаат стиховите:

Теарце му негоо рождение,
Пречиста и Хилендар посрижение,
Лешок му е негоо воспитание.
Од негоо свое отшествие
До Христово второ пришествие,
Молит вас браќа негои, љубимија,
Хотјаштија прочитати сија,
Да речете Бог да би го простил,
Зере у гроб црвите ги гостил.
Овде лежи Кирилово тело,
У манастир и у Лешок село,
Да Бог да е за доброе дело.


Библиотека

Кирил Пејчиновиќ со своите соработници и ученици создале богат библиотечен фонд на книги со особена важност за нив и многу други генерации. Во библиотеката во манастирскиот конак биле сместени многу стари ракописи и книги. Така, на пример, знаеме дека во библиотеката стоело ,, Четверојевангелије,, напишано на пергамент од граматик Алекса од 1342 година во времето на крал Душан, а го ,, однел,, и го подарил на Народна библиотека во Софија. А. (Бугарин), сам ни соопштува. Во истата библиотека во Софија се наоѓа и ,, Поменикот на манастирот Св. Атанасија од Лешок од 19 век, а ни соопштува и Д. Иванов ( Бугарин) во книгата Б,лгарски старини из Македониа,,- Софија 1908 год., наведува запис од еден псалтир со толкување од еден општ минеј, од еден минеј за февруари и од Житието на кнез Лазар со белешки за историјата на манастирот во Лешок.
Р. Груиќ (Србин) во 1927 година во ,, Полошко-Тетовска епрхија,, ни соопштува дека нашол два ,,пергаментни листа,, од еден српски ракописен период од 14 век во чии корици е врзан Киракодромоин на вратчанскиот епископ Софронија, пишуван во Римник 1806 година и еден непотполн ракописен псалтир со српска рецензија на хартија од 15 век.
Љ. Стојановиќ ( Србин ) во ,,Записи и натписи,, бр.10467 пишува дека во Лешок се наоѓала книгата ,, Зборник Божидара Вукотиќа,, пишувана во Млеци 1537-8. За жал посочените , а и другите книги, веќе ги нема во манастирската библиотека. За дел од ,, позајмените ,, книги знаеме каде се наоѓаат, но за други немаме сознание.
Интересот за библиотеката во Лешок бил мошне голем кај научници, патеписци и други. Потврда за тоа се посетите на Геоден Јурчич, дечански јермонах 1850 год., пишувал во ,,Дечански првенац,, 107, Б. Цонев ( Бугарин ) во ,, Опис на Слав. Ракописи в Софиската народна библиотека,, // 507, Селишчев- Полог,, , Ане Комнен- ,, Абелхад,, , Париз 1943 год. , Харалампие Поленаковиќ- ,, Страници од Македонската книжевност,, , Блаже Конески- Говорот на Кирил Пејчиновиќ- Тетоец,, , Ѓорѓи Сталев-,, Средновековна книжевност,, , П.Н. Милјокова ( Русинка ) ,, Христијанские древности Западној Македонии,, , Извјастија рус, археолог. Инст. и други.
Сеуште во манастирската библиотека во Лешок има извесен број на стари ракописи и печатени книги: Три од посни од 1254 год, Псалтир од 1312 год. , Минеј од 1337 год. , Триод цветни од 1351 година , Служба на Свети Методија и Кирил 1357 година и други.
Покрај посочените наслови во манастирската библиотека во Спомен собата на Кирил Пејчиновиќ во Сарајот на манастирот се наоѓаат делата на К. Пејчиновиќ, некои кои пишувале за него и за Лешок и други книги, мапи, цртежи и слики.
Иако извесен број на ракописи и книги е ,, однесен,, од манастирската библиотека од Лешок во Софија, Белград и други места и држави, богато е културното наследство кое ни го оставиле нашите ценети претци, а за кое треба да се грижиме, односно да го збогатуваме.

 

Критикува, советува, поучува.

Пејчиновиќ се трудел со критики, совети и сугестии да ја подигне верската свест кај македонскиот народ, која во тоа време е и општествена. Верувал дека со зајакнување на верата, односно истрајувањето во неа, македонскиот народ ќе успее побезболно да го поднесе тешкото турско ропство и со тоа и да ја запре асимилацијата. Затоа, многу често на своите миси ги повторувал зборовите, запишани под сводовите на црквата во Марковиот манастир, пламено упатени до својот народ: ... ,, Зашто се мучимо на овој век, зашто постимо, зашто се крштеамо, зашто се закопуемо, зашто за душа давамо, зашто од други вери мучени бидуемо, зашто од калдрма долу слезуемо, зашто зелено не носимо, зашто хубаво не носимо, зашто од Турци помалу зборимо, зашто каде не јахат и газат- трпимо, зашто!? Нели за Христа?,,
Во своите беседи Пејчиновиќ ги советувал своите ученици, односно луѓето убаво да носат, да зборуваат на пат, а со тоа ја буди националната свест кај народот, свеста за тоа дека тие постојат со тоа што тие имаат свое достоинство, свој јазик, различен од турскиот.
Присутна во беседите била и хигиената. Критикувал и сугерирал мртвата стока да не се фрла на отворено место, да се закопува во земја. Советувал, бидејќи мртвата стока можела да предизвика болест од која би можеле да поумрат многу луѓе од едно или повеќе села. Домашните животни треба да се негуваат и размножуваат, бидејќи и тие се извор на храна, често неопходна - млекото и неговите производи- а се извор на печалба и богатство- говори Пејчиновиќ.
Поучувал и советувал во сферите на земјоделието, овоштарството, шумарството. И во овие области наоѓал за потребно да се внесе себеси, за да им помогне на другите. Ги критикувал луѓето кои не ги обработувале доволно или добро своите ниви, овоштарници, чекале на Господ да им даде,,Бериќет,, . Говорел дека Господ не можел да им даде никакво благо, туку умот и раката човечка се носители на богатството или сиромаштвото.
Пасија на Пејчиновиќ било засадување на големи површини со костенови садници, кои во својот двор ги изведувал. Ги советувал и апелирал кон своите ученици, луѓето да ги засадуваат голините, изворно, практично го покажувал изведувањето и ја покажувал двојната полза - костени како храна и запирање на лизгање на земјата. Шумата ја сметал за големо богатство, затоа пред симртта порачал: ,, Костеновите садници и шумата над манастирот чувајте ми ги,, .
Значи, просветната дејност Кирил Пејчиновиќ не ја ограничил само на своето училиште во манастирот во Лешок, туку се трудел да ги анимира и мотивира, односно да ги опфати сите луѓе од полошкиот регион. Та, така неговото делување во сферата на просветата е сеопфатно, богато, целосно.

Проф. Борис Момироски

 

НЕВЕНЧАНА НЕВЕСТА

Чекаш ли свату
сватови да дојдат
во Лешок да дадеш
мома стројна.

Спремаш ли чеиз
Дарови да дадеш
Китка на ракија
Босилок да в кладеш.

Чекаш ли јунак
личен како дрен
со музика
во неделен ден.

Ах, душа
болка ни сви
останаа
уплакани сватови
мајка избезумено
се чуди
кој ,зошто
синот и го уби.

Невеста бел превез
Над гроб пресен стави
В црнина млада
Лицето го зави.

Солзи лее
крши тенки прсти
како ли чедо
без татко ќе крсти.

На Ѓоко Лазревски од Лешок 2001год.

Клаудија Богоевска, с.Јегуновце, Тетовско

 

КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЧ


О, Кириле
Вечно име твое
Кај си да видиш
Со Теарце и со Лешок што е?

Школото велиш
ни дава ука
а денес ете
И од него се пука.

Сред село
споменикот твој
и светол храм
а сега пустош
без милост и срам.

Ги слушаш ли
Синовите твои
Поредени редум
Бегаат од домови свои
Го напуштаат
Твоето родно село
Кој овде спомени ќе чува
Кој ќе го слави твоето дело.
Помогни Кириле
Ако бог ти дал сили
Да ги сочуваме
Домовите и спомените мили.

Клаудија Богоевска, с.Јегуновце, Тетовско

 

Лешочкиот манастир

Три недели мајка
За в манастир
Се спрема
Зејтин за в кандило
Таа зема
Дарови пред
Икона да стави
И низ шепот се моли
Сите да се здрави.

На внучето
Му вети
Во Лешок ќе го води
На калето, горе
Без умор ќе оди.
Но залудно
Кутрата ми мајка
Три недели пости
Ја посетија Богородица
Неканети гости

Подметнаа пламен
Проклетници без душа
Лешочкиот лелек
Надалеку се слуша.

Заплакаа икони, фрески
Верата ни наша
Колку боли
Дал некој
Ќе се праша?

И денес низ солзи
Свеќа
Пред црква ставам
И ветувам
Христијанската вера
Нема да ја оставам.

Клаудија Богоевска, с.Јегуновце, Тетовско