Култура

 

 

 

 

 

Сардисување на Лешочкиот манастир св. Атанасиј на 28.08.1905

Сардисувањето на Лешочкиот манастир оставило длабоки траги во сеќавањата на Македонците од Лешок, Тетово и од околните села, а особено кај оние кои тоа го доживеале како гости во Манастирот. Тие ги раскажувале своите доживувања пред оние кои не присуствувале на настанот, а биле љубопитни да дознаат нешто повеќе за тоа. Бидејќи денес сведоците на настанот не се веќе живи, сардисувањето на Манастирот се пренесува како предание. Во продолжение ќе биде пренесен во целост текстот за настанот од Монографијата за Лешочкиот манастирски комплекс.
“Манастирот бил сардисан од жителите со албанско етничко потекло од соседното село Слатина и од другите долнополошки села. Причина било убиството на двајца слатинчани во слатинското поле, ноќта пред празникот Св. Богородица, од група комити за кои се мислело дека се наоѓаат во Манастирот. Благодарение на големата присебност и на мудроста на тогашниот игумен јеремонах Еротеј во тие критични моменти, сардисувањето не завршило со трагични последици за Манастирот и за присутните илјадници гости.”
Со забележаните биографски податоци и со сеќавањата на комитата Филип Трифунов-Лулков од село Вруток, учесник во четата што ги убила двајцата слатинчани, дефинитивно се расветлува случајот со сардисувањето на Манастирот за кој има неколку верзии, меѓутоа оваа се смета за најверодостојна, меѓутоа од интерес за читателите ќе ги прикажеме и другите верзии.
Комитата Филип Трифунов-Лулков бил учесник во Тетовско-гостиварската чета на војводата Никола Панов-Гостиварче. Оваа чета, од скопските села се упатила кон Полог, низ Дервенската Клисура и низ селото Радуша. Тие стигнале во селото Ротинце за да присуствуваат на големиот празник и на собирот во Лешочкиот манастир за потоа да ги посетат планинските села Јелошник, Бразно, Сетоле, Лавце, каде што имале свои јатаци.
За да присуствуваат на прославата, тие тргнале од селото Ротинце кон Лешок, ноќта меѓу 27 и 28 (14 и 15) август, со курирот Тодор Томев, учител во селото Јелошник. Патем, поминале низ слатинското поле. На местото наречено Калиноо, вооружената група била забележана од бостанџијата Пајазит, па тој го известил својот брат Јакуп, кој се наоѓал во колибата, дека се приближува поголема група луѓе. Кога комитите го слушнале повикот и сфатиле дека се откриени се распрснале и легнале за да не бидат забележани. Откако Јакуп го слушнал повикот од својот брат, без размислување истрелал од колибата, а комитите возвратиле на ист начин. Престрелката траела два-три часа. Јакуп бил убиен; Пајазит бил тешко ранет; а меѓу комитите немало настрадани. Отакако пукањето од страна на бостанџиите прекинало, распрснатата чета се прибрала и се вратила назад на планината Жеден без да биде забележана. Бидејќи немале контакт со никого, комитите не знаеле дека Манастирот е сардисан. По два-три дена, четата по друг пат се упатила кон селото Јелошник, а Манастирот се уште бил сардисан. Откако бил растеран башибозукот од Манастирот, четата се упатила преку шумовитите падини на Шар Планина кон селата Сетоле и Лавце за да продолжи со своите акции.


Другите верзии се следните:
Според првата верзија, групата комити се засолнала зад Калето, во местото наречено Габер. Оттаму тие цело време го набљудувале сардисаниот манастир. Доколку албанското население извршило некакво насилство или влегување во Манстирот, тие би интервенирале со пукање откај планината, а со тоа би го свртеле вниманието, а потоа од падините на Шар Планина би исчезнале. Втората верзија е раскажана од Драго Симовски-Драгулинка од Тетово, а прераскажана од неговиот татко, столарот Саво. Според него, комитите биле скриени во тајните манастирски скривалишта што се наоѓале во денешниот манастирски конак-сарај; ги забележале неговиот татко и дедо при поправка на конакот. Третата верзија ја раскажа наставникот Усниа Абдулахи од Слатина, 1977 година. Според него, комитите биле скриени во Слатина, во куќата на Џеладин Мехмед. Последната верзија е според истражувањето на новинарите. Стефановски и Ј. Дамјановски објавена во неколку продолженија во весникот “Нова Македонија” од 19-26. 08. 1971 година. Според нив, групата комити требало да оди во с.Брезно да ликвидира еден насилник од с. Пршовце кој тука поминувал за да оди на бачило. Бидејќи нивното одење во Брезно се совпаѓало со денот на манастирскиот собир во Лешок, сакале да присуствуваат на прославата. По непромисленото убиство, тие не присуствувале на прославата, туку се засолнале во местото Габер, над манастирот. По сардисувањето, комитите ги презел Тоде Томев од с. Јелошник, соседно село на Пршовце, за да го ликвидира насилникот. Во овој период во Брезно бил убиен Албанецот Есад, од комитите Ѓоко Цветков од Лешок и Крсто од Брезно. Поводот бил насилничкото однесување на Есад кон Крсто поради тоа што Крсто загубил неколку кози од оние што ги чувал. Крсто не можел веќе да го издржи тоа и се приклучил кон групата брезјански комити. Крсто и Ѓоро, за да му се одмаздат на Есад, една вечер го чекале да се врати од бачило. Додека го чекале, поминал еден човек со коњ, а тие викнале по него “о, Есаде ел си ти”, а тој одговорил “јас сум”. Тогаш тие испукале куршум и го убиле човекот. Меѓутоа, по некоја случајност, тие убиле друг човек кој исто така се викал Есад, според она што брезјанецот Симо Симјановски му го раскажал на И. Петрушевски во 1964 година. Пред судот, како доказен материјал биле донесени каскет И празно патронче (според кажувањето на притворениот Атанас), кои се од убиството, а не од групата комити, како што пишуваат спомнатите истражувачи. Во верзиите за комитската чета има две верзии за нивниот пречек. Според првата верзија во полето нив требало да ги пречека Столе Кочов од Цојој, меѓутоа тој претходната ноќ наводнувал пченка и чекајќи ја четата заспал. Втората верзија ја забележал лекарот Киро Ковачевски. Според него, комитите требало да ги пречекаат попот Ѓиго, Јастре поп Ончев и Трпо Коач од Варвара, над селото Сиричино, на планината Жеден и да ги спроведат до манастирот, но четата стигнала порано и се разминале. Меѓутоа, попот Ѓиго тогаш бил на околу 15-годишна возраст и син на поп Спиро, а Јасре е негов чичко, а според изјавата на комитата Филип Лулков се добива впечаток дека двете верзии не се точни. Имаме и несовпаѓање и со годината. Според извештаите на конзулите четата била убиена 1904 година, а манастирот е сардисан 1905 година.

Кога слушнале пукање кое траело подолго време, слатинчаните со албанско етничко потекло се упатиле кон полето. Таму го нашле телото на Јакуп, а Пајазит бил тешко ранет, но успеал да им каже на своите соселани за вооружената група која се упатила кон Манастирот. Истата ноќ, слатинчаните го алармирале целото долнополошко население од албанско етничко потекло за убиството што го извршиле комитите. За извршеното убиство бил известен и тетовскиот кајмакам (тетовски околиски началник), па тој веднаш утрината испратил службено лице во Слатина да го предупреди албанското население да не влегува во манастирскиот двор и да не прават никакви насилства и освети врз манастирските гости, затоа што власта ќе испрати свои луѓе на безбедноста да го испитаат случајот и се дознае вистината. Со невидена организираност, околу 7.000 вооружени луѓе со пушки, вили и секири се упатиле од сите страни (како потоци околу езеро) кон Манастирот. Тие биле предводени од турските паши, аги и бегови - Мемет-паша, Алим-бег, Алим Дерала, Ага Тресија и Абдил Меџит-Кучето. За сардисувањето бил ослободен од затвор Јонуз Јусуфов, ужасен крвопиец, роден во с. Првце, а преселен во с. Доброште. Сите тие го сардисале Манастирот потпирајќи се на ѕидот со кој е заграден, “како гаврани на мрша”, не дозволувајќи никој да излезе, а кој сакал можел да влезе внатре. Тие ја сопреле водата со која се снабдувал Манастирот.
Гледајќи ја загрозеноста на Манастирот и судбината на невиното население, кметот на Лешок, Јасре поп Ончев Онуфриевски, и неколку селани се договориле еден од нив веднаш да оди во Тетово и да го извести членот на Организацијата, Сане Ристов-Гуле, а тројца, преку Шар Планина, да стигнат до Призрен и да го известат рускиот конзул. Откако селаните го информирале Сане за случајот, тој веднаш со коњ се упатил кон Скопје за да го извести конзулот на Австрија, кој претходната година на Св. Богородица го посетил Манастирот, за тој да интервенира кај турските власти, а тие да го спасат Манастирот од евентуално палење и да го спасат и народот што се наоѓал таму.
Манастирот бил сардисан цели пет дена. Во него имало околу 3.000 гости од различни возрасти и од различен пол. Братството на Манастирот ги смирувало гостите - да не се плашат и да бидат мирни и трпеливи бидејќи Манастирот не бил вмешан во ништо. За да се прехранат гостите, биле потрошени 82 товари жито, 10.000 литри вино, 4.400 литри ракија, 75 килограми масло, 190 килограми сирење, 125 килограми ориз; биле заклани 14 вола, 48 овци и кози итн. По пет дена, по интервенција од страна на конзулот, турските власти од Призрен го испратиле воениот командант Алај-бег Гали, со 300 коњаници и 2.000 војници, да ја дознае вистината за убиството, да го растера башибозукот и да ги ослободи гостите од Манастирот. Кога војската пристигнала, таа влегла во Манастирот и стапила во преговори со игуменот јеремонах Еротеј. Игуменот јеремонах Еротеј во текот на разговорот го убедил Алај-бег Гали дека Манастирот не е вмешан во ништо и дека тие не знаат ништо за убиството, а исто така тврдел и дека таму нема комити. И покрај убедувањата, турскиот командант издал наредба за проверка на Манастирот со што се потврдиле кажувањата на игуменот. Потоа, Алај-бег Гали & наредил на својата војска да го растера башибозукот од ѕидовите и да ги ослободи невините гости од Манастирот, под заштита на турските власти.
За да се разјасни случајот и за да се откријат убијците на двајцата бостанџии од албанско етничко потекло биле притворени 14 луѓе од Лешок, Тетово и од околните села. Еве што раскажува Атанас поп Ончев-Онуфриевски од Лешок кој тогаш бил притворен.
Д'нта когај го затворија Манастирот, Алим-бег, ага Тресија и Мемет-паша, пошле за у Ратае, сигурно на ручек. Ме сретоа мене и ме зедоа со њив. Идејќи удоле, кеј Костоо, у среќа ни идеше брат ми Спиро и њего го зедоа, а Алим-бег ни збори: Ќе видиш когај ќе ти фрлим у амбар у Ратае, а пак ага Тресија ми вика: немај гајле Атанас, не го остаам да ти фрли у амбар. Другиот д'н не отераја у Тетоо. Седимо мие у Тетоо два д'на и чекамо да не пуштат. Не да не пуштат, туку треќиот д'н 30 душе дотераја од Лешек. Не состаеја и нас со њим и почнаја да не сослушуаат. Кој ваќе, кој таќе и полојната ги пуштија, а останавмо само четрнаесетмина. Мие тројца браќа, ја (Атанас), Спиро (поп) и Јасре, синови на поп Онче од Лалошој; потоа Ѓурчин, син Деспотов од Момирој; Столе, син Кочов од Цојој; Јосиф, син на Аврам од Кашамеј; Стојан од Долно маало (Лешек), син Иванов од Костадиној; Стојан од Вратница, Трпо и Симче од Варвара, Трипун и поп Трпе од Брезно, Мојсо од Непроштено и курирот Сане од Тетоо. Легамо мие туе 50 д'на, а рачунамо да соберемо 500 лире и да не пуштат. Есапејќи тоа, когај е бир на полноќ влагаат двајца заптии со едан нарамник конопци и едан моамир (командир) со њив. Едан по едан, не ваѓаат надвор, ќе ни вржат руке наопако и таке. Едан по едан, свите не врзаја и б'ш у полноќ не потераја накај Скопје. По нас идоа 30 душе турски аскер, едни напред едни назад. Дур вечерта стигнавмо у Скопје. Кеј ти не отераја у апсаана, тоа е апсаана, шиесе душе у една соба, шеснаесе попа имаше, а другите беа учители и тоа ти било политички затвор. Љегамо мие туе 20 д'на. Љегајќи, абер дојде ќе не ваѓаат на суд, и тоа Воен суд. Мие имавмо три адвокати од конзулатот бугарски, српски и аустриски. Не извадија у една канцеларија, когај ќе видимо едни кадие со чалме, леле, леле, да ти е сра да гледаш, а пред нив стајле едно празно патронче што го нашле у Брезно и едан каскет; а у канцеларијата го донеле и сведокот Нешота од Лешек кој казал за нас. Когај почна сослушуањето го прашаја Нешота да каже што знае. Тогај тој га слимна капата и рече: . . .Еве гледајте. . .затао сум рекал..А главата од ќутек све исцепена. Когај видоа кадиете ова, се завртеа накај нас и ни рекоа ајде речите: Чок јашасин падишах (да живее царот) и идите дома. Мие таќе рековмо и не пуштија, а со нас и по едан тоар вошке донесовмо дома.
Со насмевка го заврши кажувањето чичко Атанас во својата 92 година, на 8 март 1967 година. За судењето бил известен и рускиот амбасадор во Константинопол, од страна на рускиот конзул Белаев кој се наоѓал во Скопје.
За текот на судењето има забелешки од лекарот Киро Ковачевски, внук на притворениот Трпо Коач од Варвара. Според него, во судницата бил донесен братот на убиениот. Кога судијата го прашал сведокот дали видел кој го убил брат му, тој рекол дека убиецот е Трпо Коач. Потоа, судијата го прашал дали го знае Трпо и тој потврдил. И кога требало да го препознае Трпо меѓу обвинетите, сведокот рекол дека тој не е меѓу нив. Во тој момент Трпо станал и рекол “еве колкав сум, не може да ме види, значи лаже, не ме познава и не ме видел”. На прашање како успеал да го препознае убиецот среде ноќ, сведокот рекол дека таа ноќ имало Месечина. Трпо повторно се вмешал во испрашувањето и побарал муслимански календар за да се провери и ова тврдење. Тогаш се утврдило дека таа ноќ немало Месечина, па во судницата се слушнало гласно смеење.85 Од изнесеното може да се заклучи дека сведокот бил лажен не само по сведочењето туку и по тоа што и двајцата браќа бостанџии веќе биле мртви. Едниот загинал веднаш, а другиот починал набрзо по престрелката.
Покрај раскажувањата на Атанас поп Ончев-Онуфриевски, записи за случајот со сардисувањето на Лешочкиот манастир има и на еден манастирски минеј, најверојатно забележан од страна на игуменот јеремонах Еротеј. Минејот денес се наоѓа во Музејот на Српската православна црква во Белград.
По повод овој настан, непознат пејач ја испеал познатата песна Сардисале, сардисале Лешочкиот манастир.

Бог да бие, бог да бие
Арнаути слатинчани
Сардисале, сардисале
Лешечкиот манастир

Први беше, први беше
Алим-бегот Дерала
Други беше, други беше
Адем-ага Тресија

Трети беше, трети беше
Абдил Меџит-Кучето

Кажи попе, егумене
Каде ти се комитите

Ајр ефендум, бре султанум
овде нема комити

Комити са више село, више село Слатина
Комити са више село, више село Слатина

Бог да прости, Бог да прости Алај-бегот Призранец
Тој ми прати суварие и го пушти Манастирот.


 

УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА


Господ, Кој на Синајската Гора преку петтата заповед рече: “Почитувај ги својот татко и својата мајка...”, со Својот пример покажа како треба да се почитуваат родителите. Висејќи на крстот во маки, Он не ја заборави Својата мајка и покажувајќи кон светиот апостол Јован Богослов, и' рече: Жено, ете ти син, а на св. Јован му рече: “ ете ти мајка”. И откако ја згрижи Својата мајка, издахна. Пресвета Богородица по тоа завештение живеела во домот на Јован на Сион во Ерусалим до својата смрт. Со своите молитви, благи совети, кротост и трпение, таа многу им помагала на светите апостоли. Често ги посетувала местата каде нејзиниот Син извршувал чуда и каде се одиграле последните настани од Неговиот живот. Од преданието се забележани нејзините патувања и посети на св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, на Лазар Четвородневен, кого Господ Исус Христос го воскесна од мртвите, на Кипар, посетата на третиот крак од полуостровот халкидики, Атос, каде прорекла дека ќе има голем број манастири, а тоа е денешна Света Гора. Во староста, секој ден го молела својот Син да ја земе на оној свет. Набргу и се јавил св. архангел Гаврил и и го прорекол денот на смртта, а притоа и дал маслиново гранче кое требало да се носи пред одарот. Пред денот на смртта посакала да ги види светите апостоли и Господ и ја исполнил желбата. Откако ги посоветувала со мајчинска грижа, без никаква телесна мака го предала својот дух на Господа. Светите апостоли го повеле нејзиното тело во поворка со многу христијани кон гробницата на нејзините родители, светите Јоаким и Ана на Гетсиманската Гора. Злобните евреи сакале да го спречат погработ, но облак ги засенувал. Некој еврејски свештеник се обидел да го преврти ковчегот, но ангел Божји му ги пресекол рацете. Тогаш тој се покајал и апостолите го исцелиле. Бидејќи апостолот Тома по Божја промисла, не стигнал на денот на погребот, а три дни подоцна посакал да се отвори гробницатаза да го види телото на Пречистата за последен пат. Но тогаш увиделе дека телото на Пресвета Богородица не е во гробот туку е вознесено на небото. Вечерта, Богородица , со мноштво ангели им се јавила на апостолите и им ветила дека постојано ќе бидењ со нив.

На овој ден во Лешок како и во повеќе места во Македонија , се одржува голем црковно народен собор, каде сите го празнуваат славното успение на Пресвета Богородица и се молат за нејзиното топло застапништво и молитви пред Бога. Пред ово ден следи двонеделен пост, а на самиот ден, луѓето кои постеле се причестуваат, прославувајќи ја жртвата на Спасителот и соединувајќи се во црква.
По молитвите на Пресветата и Преславна Богомајка и Богородица, нека Бог не удостои со национално спасение, благосостојба, радост и единство во Осмиот невечерен ден на Царството Небесно.


26.08.2004 година
Бобан Матовски


 

ЛЕШОК ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД


Минатата година го прославивме еден од најзначајните јубилеи на македонскиот народ и македонската држава, а тоа е 100 годишнината од Илинденското востание. По повод тоа се издадоа повеќе трудови, а се одржаа и симпозиуми и свечености. Се покажа дека темата Илинден е неисцрпна.
Во тој контекст, последниве години извршени се некои истражувања за илинденскиот период во Тетовскиот крај, кои покажаа дека постоела широка мрежа на Македонската револуционерна организација и нејзини значајни активности.
Така и селото Лешок со манастирот Св. Атанасиј во овој период претставува едно мошне погодно место за ширење на македонскиот отпор кон Отоманската власт, но и против пропагандите кои делувале на овие простори.
Корените на овој народен отпор потекнуваат од времето кога е обновен манастирот од страна на Кирил Пејчинович. Тој успева да го претвори манастирот во едно големо народно собиралиште, просветителско место, односно место на самосознавањето на народот. Тој бунт против потчинетоста се чита и во редовите на неговите дела. Тој отпор се разгорува со атаците на бугарската и српската пропаганда кога на чело на манастирот бил игуменот Езекил. За своето силно држење пред моќните пропаганди морал да плати со својот живот. Неговата единствена кривица била во тоа што тој се изјаснувал како Македонец. Исто така, тој бил приврзеник на Владиката Теодосиј Гологанов еден од најголемите борци за возобновувањето на Охридската архиепископија во склопот на една посебна македонска држава.
Со појавата на Македонската револуционерна организација во Тетовскиот крај во есента 1895 година започнува една нова фаза на организираниот отпор на македонците од овој крај. Така е и во селото Лешок, а во Организацијата пристапуваат и селани и калуѓери од манастирот.
Како основачи на селскиот комитет во Лешок, заедно со селата Брезно и Варвара се сметаат браќата Крсто и Филип Мисајлоски од Брезно. Комитетот бил поврзан со Гратскиот комитет во Тетово и со него ги координирал сите акции. Отпрвин членовите собирале средства. Познато е дека селскиот комитет од Лешок добивал од поимотните селани по 5 лири годишно, а од посиромашните кој колку можел да даде. Членовите вршеле и курирски дејности, пренесување и набавка.на оружје и муниција, биле јатаци на комити и комитски чети кои се движеле во атарот на селото, но исто така учествувале во ликвидации на познати зулумќари.

Игумен Хаџи Езекил 1836 - 1898

Тајни магацини за оружјето и муницијата имало во куќите на семејството Јастрои, Мисо од Момирои и др.И покрај одлуката на Скопскиот окружен комитет да не се подига востание во тетовскиот крај, бидејќи за тоа не созреале условите, сепак од овој крај како доброволци во илинденското востание учествувале голем број на комити. Така до сега познато е и учеството на лешочаните Анание Јончев Тасевски и Ѓоро Цветковски. Во т.н. Брезјанска чета во која како комити биле борци од повеќе села кои гравитирале во тој реон биле и лешочаните Божин Кочоски, попот Спиро поп Онуфриев (поп Ончев) Симоновски и неговите браќа Атанас поп Ончев Симоновски и Јастре поп Ончев Поповски, Ѓурчин Деспотоски и Стојан Ивановски.
Оваа чета пред востанието била само комитет, која, меѓу другото собирала и оружје, а по востанието требало да изврши ликвидирање на познати зулумќари. Лешочкиот манастир, исто така претставувал центар за подршка на комитските чети. Во него имало дури и специјална скривница за комитите во конакот изграден од игуменот Хаџи Езекил.

Во манастирот се случил и познатиот настан на сардисувањето на Лешочкиот манастир на 28 Август 1905 на Голема Богородица кога биле сардисани околу 3000 Македонци. Турскиот аскер и заптии веднаш превзел акција на апсење на познати членови на Организацијата. Меѓу нив биле и лешочаните Спиро поп Ончев Симоновски, кој бил свештеник во Лешочката парохија и неговите браќа Јастре поп Ончев Поповски и Атанас поп Ончев Симоновски, потоа, Ѓурчин Деспотовски, Стојан Ивановски, Атанас Поп Ивановски, Ѓоре Цветковски, Божин Качовски и како што велат изворите уште еден Столе и Јосиф од Лешок. Против нив е спроведена судска постапка која после 6 недели завршила среќно поради недостаток на докази против нив.
Придонесот на лешочани во Илинденскиот период е драгоцен и се надеваме дека понатамошните истражувања ќе дадат дополнителен придонес во расветлувањето на овој значаен дел од нашата историја.

Текст: Бранислав Светозаревиќ, дипломиран на филозовски факултет - група историја во Скопје, работи во Тетовски архив. Автор е на книгите Српската и бугарската црковно-училишна пропаганда во Тетово и тетовско 1860-1903 , Тетовски споменар ( 1919-1941), Тетово и Тетовско во илинденскиот период 1895-1905, Лешочкиот манастирски комплекс и др.


 

СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ


Овие наши древни простори, на нашите прадедовци и прататковци сплотени во прегратките од Шарпланинскиот појас на север сe до блескавите води на Егејското море на југ и прекрасниот Пирински и Осоговски крај на исток, се спомнуваат уште во најсветлата и вечна книга на животот, Библијата. Таму, во Делата на Светите апостоли се вели: “Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше-Премини во Македонија и помогни ни!” (Дела 16/ 9).
Брзиот развој на технологијата во рамките на масовната глобализација на светската сцена резултираше со уште помасовен и побрз пад на етичкиот и морален критериум на човекот. Забрзаниот и “полесен” начи на живот потпомогнат со најновите пронајдоци и идеологии сплотени врз основа на досегашното искуство се покажаа не само како немоќни да го спречат тоа што денес ни се случува туку и како дирекни виновници за таквиот сплет на настаните. И сега место да имааме полесен, помирен и поздрав живот како цивилизирано човештво кое навлегло во рамките на третиот милениум од нововековието, ние се враќаме за толку назад, однесувајќи се како вистински дивјаци кои не можат да се најдат себеси, најпрво ниту длабоко во својата душа ниту, пак, да се видат во тој до нив. Ваквото однесување резултираше со такви несогледливи последици за кои сведоци сме денес: војни, прогонства, убиства, сиромаштија, масакри, палежи, силувања, болести, глад, протести, безработица… Дали можеме да престанеме? Ако продолжиме со ваквиот начин на живеење нема да можеме да ја довршиме низата на злото, а низата на доброто ќе немаме ни со што да ја нижеме. По ова во воздухот лебди прашањето: Кон што да го свртиме погледот во оваа долина на солзи, на страв, на гнет и гнев, на грабеж, на палеж, завист и омраза, делби и поделби, за душата да, да имаме душа, душа да е? Зашто воспитаната душа го прави човека човек, а така устроени ќе бидеме достојни да си го сочуваме и националниот идентитет, да опстоиме како народ, кој ќе живее по урнекот на своите прадедовци и татковци гаејќи го од нив ни оставеното богаство на правилната традиција, обичаите и верата ни Православна. Само преку опстојувањето во културата и себичното чување на историјата која низ многу векови не дефинира како народ ќе успееме да си ја сочуваме и државата. Но, не само тоа туку треба да ја вратиме и слогата зашто сложни браќа цело село градат, а “глупавите и празни расправии да ги избегнуваме зашто знаеме дека тие породуваат кавги”.
Денес стоејќи во предпазненството на овој ден и очекувајќи го утрешниот ден посветен на Св. Атанасиј Велики, и гледајќи го овој прекрасен и од Бога ни даруван манастир во кои живееле и работеле стотици монаси и епископи и кој нашиот Лешок го запишал во православната историја како духовен центар на Полошкиот крај, не треба ли да се прашаме: Па нели овие камења заедно, со заеднички сили, ги редеа рацете на нашите прадедовци и татковци. Рацете на: Аљаљои, Базои, Бамбеи, Гаџои, Гркои, Дабоќеи, Запрљеи, Карапанџои, Качои, Коачои, и на Коринкои, и на Костадинои, и на Лалошои, и Мазаракои, и Момирои, и Нешои, и Попарои, и Попои, и Прнџои, и Сандрои, и Сирмини, и Сибинои и рацете на Скукои, Пејчинои, Такарои, Тошеќеи, Ќепељанои, Ќапункои, Ќипрои, Цветкои, Цојои, Чајкои, Чочолои, Јоанои, Белчевци, Бошкои, Прљакои, Џарлои и Шомеи. И ете сето ова со векови опстојува врз слогата на толку луѓе и генерации, на една толкава голема братска и христијанска љубов. Па нели е ред да прашаме: кои сме денес ние со нашата неслога и нетрпеливост да ја уриваме и уништуваме темелите на братската слога и соживот кои попаметните од нас ги поставија?
Треба да се угледаме и на утрешниот светител чиј празник го празнуваме и на неговиот живот поминат во равносно чување на верата православна, на традицијатаи обичаите поставени врз учењето на Светите отци и на слогата и љубовта меѓу луѓето. Неговот житие гласи вака: Свети Атанасиј Велики е роден во Александрија (се наоѓа во Египет) во 296 година. Уште од детинство имал склоност кон духовниот живот. Бил ѓакон на архиепископот Александар и учесник на првиот вселенски собор во Никеа во 325 година. На овој собор Светиот Атанасиј се прославил со својата ученост, благочесност и ревност за православието. Многу придонел за осудувањето и уништувањето на лажното еретичко учење на злогласниот Ариј. Он напишал и дел од симболот на верата кој бил усвоен од тогашниот собор, а кој денес се чита за време на Светата Литургија. По смртта на Александар, Св. Атанасиј бил избран за архиепископ александриски. Во тој чин поминал 40 години. Скоро преку целиот свој живот бил гонет од злогласните цареци и еретици поради што бил принуден да бега и да се крие по бунари, пештери, во пустина, по гробишта и приватни куќи. По гонењата проживеал малку време посветувајќи му го целиот свој живот на од Бога му довереното стадо. Се упокоил преселувајќи се во вечните Божји живеалишта во 373 година.
Насекаде низ Македонија се празнува овој ден, а особено во Тетовскиот крај, поточно во селото Лешок, со прекрасен црковно-народен собор во дворот на Стариот манастир. Се на овој ден треба да се одвива во духот на православната вера а не според обичаите на некои села во Македонија каде се колат курбани во чест на овој ден што е неправилно затоа што курбан во православието не постои туку во муслиманствотои кај Евреите. Еве како за тоа не подучува тетоецот Кирил Пејчиновиќ во своето дело “Огледало”: “Пошто за Христа трпимо да го слушамо што ни вели; он не ни вели нешто тешко тако лесно он ни вели да љубимо един другого, да се праштааме, да се жалиме, да седимо мудро, да не збеснуемо како малии деца, да не се опијаме, да не блудуаме, да не пиемо вино без мера… а мие и празникот што го служиме еднаш у годината и него непристојно го служиме а не побожно, баш на деном вардимо да се опиемо, да збеснуамо, цела ноќ седимо, пеемо и бесуемо, тако не го молимо светцом него го налутуемо…” И “… да не се надеате на курбани што колете на Атанасов ден со тоа Богу да угодите, а не знаете еле тија курбани идолска жртва се, еврејска жртва, а не Христијанска, тој Христијанин што коле курбани не ест Христијанин токо ест евреин (и муслиманин) или идолопоклоник…”
Нека му е вечна слава на големиот светител Св. Атанасиј Велики, нека ни е за многаја лета верата наша прадедовска и татковска и нека е на многаја лета нашиот сакан Лешок.


Текст: Бобан Матевски, студент на Богословскиот факултет во Скопје, со потекло од Лешок од фамилијата Лалошои. Бобан е син на Борка, а внук на Сандро Стојановски од Лешок.

 

 

Н Е З А Б О Р А В

На 24 Јули 2004 година изминаа три години од херојската смрт на Ѓоко Лазаревски од ЛЕШОК кога застана во одбрана на достоинството на ЛЕШОК и МАКЕДОНИЈА.
Ѓоко, ние граѓаните од Лешок и сите Македонци насекаде во светот, никогаш нема да го заборавиме Твојот лик и Твоето дело.
Ти даде пример на идните генерации како се сака и како се брани честа и достоинството на Лешок и Татковината.

Почивај во мир.

Здружение Лешок
 

 

 

Излезе од печат монографија за Лешок

 

При крајот на јули 2004 година, излезе од печат монографијата за тетовското село Лешок, обработувајќи го периодот од 1019 до 2003 година. Трудот е подготвен од Илија Петрушевски, а во издание на МИ - АН, формат Б - 5.
Монографијата содржи 357 страни со 51 фотографија во црно-бела техника, 16 фотографии во боја, 4 скици и резиме на англиски јазик. Насловот, содржината и легендите на фотографиите, напоредно се на македонски и англиски јазик. Од предговорот се разоткрива дека авторот со прибирање на податоци започнал во 1964 година, распрашувајќи ги постарите за родовската генеологија, преданија, легенди и настани. Авторот користел и повеќе од 90 објавени написи, записи и документи што се однесуваат на селото и манастирот.

Материјалот на монографијата е поделен на шест поглавја. Секое поглавје содржи повеќе наслови и поднаслови.
Првото поглавје ги обработува физичко-географските карактеристики, обработени во 11 наслови, со околу 70 поднаслови.
Второто поглавје се однесува на историското минато со 32 наслови, обработувајќи го периодот од 1019 до 2003 година.
Третото поглавје се однесува на етнолошките обележја, обработено во 23 наслови.
Четвртото поглавје се однесува на економскиот живот и движење на селото, обработено во 8 наслови. Во ова поглавје се обработува и манастирскиот комплекс Свети Атанасиј, обработен во 8 наслови. Во истото поглавје се наоѓа и насловот „Останати локални институции, организации и активности“, обработувајќи 4 поднаслови.

На крајот се прилозите во кои се наоѓаат графички прилози на родовските стебла и истакнати личности кои заслужуваат да се одбележат во културната историја на Република Македонија.

За целосен преглед на монографијата следи содржината на македонски и англиски јазик.

Скопје, 28.07.2004 година.
Автор на текстот,
Илија Петрушевски

Авторот на овој текст е дипломиран географ на ПМФ во Скопје. Работел во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје и е основоположник на картографската збирка. Напишал повеќе трудови. Роден е во Лешок, од родот на Ќапункоој. Сега живе во Скопје.