ДАЛИ ЛЕШОК СЕ СТРЕМИ КОН ЗАБОРАВЕНОСТ
Истата судбина повторно напаѓа. Уште едно село со сите сили се бори да опстане на патот кон иднината. Лешок, за некого само место за кое некогаш слушнал а за некого повеќе и од најсветото нешто во животот, и зарем треба да дозволиме ова наше свето а и културно светилиште да се избрише од географската карта на трошната ни државичка. И без тоа ни е мала оваа Македонија и постојано бегаме од неа па нема да ни значи ако и ова селце ја доживее трагедијата како и илјадници пред него. Од некогашниот Лешок, исполнет со луѓе и детска смеа не остана ништо, сега се слуша само звукот на молкот кој повеќе боли и станува се понеистрплив. Па се случи и страшната трагедија која го сруши она со кое Лешок се гордееше. Не би го нарекол тоа трагедија туку “уметничко дело” на луѓето се болен разум. Нападнаа не само на манастирот, туку ги осакатија и срцата на илјадници Лешочани, ги замолкнаа гласовите на оние кои се бореа да го одржат животот во селото. Ги растераа селаните на сите страни и како бездомници ги расфрлаа по градовите. А ние што направивме? Ќутевме!!! Се плашевме да го дигнеме гласот пред граѓаните од “првиот ред”. Вешто ги скривме чувствата за да не случајно предизвикаме уште една таква или слична трагедија. Она свето нешто од минатото го загубивме до темели, а подоцна се откажавме и од него, се разбира не ние на кои ни работи совеста, туку оние за кои селото Лешок е нешто незначајно.
Треба ли да дозволиме да исчезне Лешок, треба ли и ова село да биде само историја, да се вброи како село од кое некогаш потекнале значајни луѓе за нашата писменост, за нашата култура? Токму тоа сакаме да го спречиме, да не дозволиме да се заборави она кое некогаш цутело а сега венее. За нас тоа е многу значајно зашто корените не влечат кон родното место. Не сме од оние кои забораваат дека потеклото им е од село а не од град, како што преферираат некои да велат. Не сакаме многу, туку само да го вратиме стариот сјај на некогашниот Лешок, да го вратиме неговиот полн изглед со кои би се гордееле не само ние туку целата македонска јавност. Сепак сметаме дека не може да се заборави минатото и значајноста на ова село за нашата писменост, за нашата култура, за нас како Нација. Време е секој од нас да погледне во себе за да согледа дека навистина корените не влечат. Разбудете се Лешочани, зашто ако дозволиме да исчезне Лешок ќе исчезнеме и ние и нема да можеме да го носиме епитетот Лешочани.
Ненад Инчевски
Авторот на овој текст е со потекло од Лешок од родот на Инчевски-Пиперкои и син на Зоран, а правнук на Богдан Пиперка, а сега живее во Скопје. Ученик е во четворта година на Богословското училиште во Драчево - Скопје.
|