ПРОЕКТОТ
НА ЗДРУЖЕНИЕТО: СПОРТОТ И МЛАДИТЕ,
ГО ОДОБРИ АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ
Агенцијата за млади и спорт објави јавен конкурс за учество во распределба
на средства за реализација на проекти во областа на младите во 2005
година од интерес на Република Македонија.
По објавениот конкурс Младинскиот актив на Лешок, Здружение ЛЕШОК и
Одбојкарскиот клуб Лешок, изготвија Проект : СПОРТОТ И МЛАДИТЕ, кој
го доставија до Агенцијата.
Кон Проектот се приклучија и младинските активи на соседните села: Слатина,
Теарце, Непроштено, Ратае, Жилче и другите села кои кои се вклучени
во Проектот одобрен од СОРОС: Преданијата и младите од Лешок и соседните
села.
Лешок претставувал духовен и културен центар низ вековите не само во
локални рамки туку и пошироко. Во Лешок е сместен манастирскиот комплекс
Свети Атанасиј, значаен што во него живеел, работел и творел првиот
македонски просветител и преродбеник Кирил Пејчинович.
Традиционално секоја година на 27 и 28 Август, во манастирскиот комплекс
се одржува панаѓур, посветен на големиот верски празник Пресвета Богородица,
каде се собираат илјадници луѓе од целиот Полошки регион и од други
места во Македонија.
Но, Лешок не е познат само по културните и историските знаменитости,
туку е познат и на полето на спортот.
Првите спортски резултати се забележани веднаш после ослободувањето,
најнапред во фудбалот, когао младите од Лешок формираа фудбалскиот клуб
ОНИКС, кој со голем успех се натпреварува во тогашниот Тетовски потсојуз.
Во Лешок веќе 34 години опстојува и Одбојкарскиот клуб ЛЕШОК, кој со
успех се натпреварува во Првата одбојкарска лига на Македонија. Минатата
2004 година клубот беше финалист на купот, а оваа полусезона го зазема
третото место. Одбојкарскиот клуб во текот на своето 34 годишно постоење,
има подеми и падови. Најтежок период во своето постоење, клубот доживеа
во 2001 година, со воените дејства што се случија во Тетово и Тетовско.
Благодарение на неколку ентузијасти, а најповеќе по заслуга на Никола
Риствоски ( Кољо-Куци), Иван Спироски ( Иван-Попе ), како и многу други,
клубот продолжи успешно да се натпреварува.
Во фудбалскиот клуб ОНИКС и во Одбојкарскиот клуб ЛЕШОК активно се натпреваруваа
млади од Лешок, но и од соседните села. Во клубовите се вклучени најповеќе
млади од 10 до 30 годишна возраст.
Спортисти кои имаат потекло од Лешок и постигнале врвни резултати Жарко
Ристовски и Сашо Костадиновски, репрезентативци во одбојка, Александар
Васовски, репрезентативец во фудбал, како и многу други спортисти.
Во одбојкарскиот клуб членуваат одбојкари од Лешок и соседните села:
Глоѓи, Теарце, Непроштено, Јегуновце и Тетово.
Членовите на клубот своите активности ги прават на волонтерска основа
и без материјални надоместоци.
Одбојкарите на првата екипа на одбојкарскиот клуб Лешок, тренираат и
се натпреваруваат во спортската сала во Тетово, а младите вежбаат на
теренот на спортскиот центар КОСТОО во Лешок под отворено небо. Спортскиот
центар КОСТОО во Лешок е максимално искористен, при што во летниот период
младите се забавуваат до доцните вечерни часови, бидејќи е осветлен.
Благодарение на вкупните резултати остварени во спортот на младите од
Лешок, како и изготвениот Прект: СПОРТОТ И МЛАДИТЕ, Агенцијата за млади
и спорт го одобри Проектот на Здружението ЛЕШОК и додели грант.
Здружението ЛЕШОК, заедно со Активот на младите од Лешок и ОК ЛЕШОК,
планира со одобрените средствата да организира турнири во Лешок во одбојка,
кошарка и мал фудбал. Овие турнири ќе се одржат на спортскиот центар
КОСТОО во Лешок.
На турнирите ќе бидат поканети екипи од младите категории од селата:
Непроштено. Слатина, Теарце, Глоѓи, Жилче, Ратае, Шемшово, Сиричино
и други села од Долни Попог, како и младите од екипите Шкендија и Лирија.
Одбојкарскиот турнир се планира во иднина да прерасне во традиционален.
Со реализирањето на овој Проект, ќе се оствари основната замисла на
Проектот, преку спортот младите од различните етнички заедници подобро
да се запознаат, комуницираат и другаруваат.
| Скопје, 22.02.2005 година |
Комисија за спорт на Здружение ЛЕШОК
|
Ве известуваме дека во текот на месец декември
младите од Лешок формираа Младински актив, за што го објавуваме Записникот
од основачкиот состанок и три фотографии од состаноците на младите од
Лешок.
Новини од Одбојкарскиот клуб ЛЕШОК
Одбојкарскиот
клуб “ЛЕШОК” постои веќе 32 години и е единствен претставник од селата
во Македонија што се натпреварува во Првата одбојкарска лига на Македонија.
Исто така, тој е единствен клуб кој работи исклучиво на аматерска основа,
без поддршка од постојани спонзори. И покрај тоа, клубот постигнува
зачудувачко добри резултати. Неколку години наназад, тој се пласира
во горниот дел на табелата.
Оваа година, покрај добриот пласман во првенството, беше финалист на
купот на Македонија. Противник му беше “Фершпед - Работнички”, тим што
од осамостојувањето на Македонија до сега, секоја година го освојува
првото место. Со еден збор, убедливо најдобриот тим во Македонија. И
веднаш да кажеме дека и покрај поразот, со прикажаната игра ОК “ЛЕШОК”
не се посрамоти. Напротив, ги освои симпатиите на посетителите на натпреварот
и доби долготраен аплауз на отворена сцена и искрени чеситки од луѓе
што го водат одбојкарскиот спорт во државата.
Вредно е да се спомене дека на 15 мај оваа година, во чест на празникот
Свети Атанасиј - летен, комисијата за спорт при Здружението “ЛЕШОК”
организираше одбојкарски турнир во Лешок под името “Празник на одбојката
Лешок 2004 година”. На турнирот учествуваа : Екипата на ОК “ЛЕШОК”,
поранешни одбојкари на ОК “ЛЕШОК” и поранешни одбојкари на ОК”Вардар”
и ОК “Работнички” од Скопје. На Учесниците на турнирот им беа доделени
убави привезоци, изгравирани со името на турнирот, во знак на сеќавање
за учеството, награда за најдобар одбојкар на турнирот и награди за
особен придонес во развојот на одбојката во Македонија. Приврзоците
и наградите се донација на претседателот на Извршниот орган на Здружението
Ацо Ацевски, Мирко Коцески донираше на Одбојкарскиот клуб “ЛЕШОК” комплет
маици и гаќички, додека ручекот на учесниците на турнирот и маички за
клубот “Лешок” беа донација на Душко Дамјановски.
Првото место на турнирот и наградата за најдобра екипа ја освои екипата
составена од поранешни одбојкари на “Вардар” и Работнички” од Скопје.
Наградата за особен придонес во развојот на одбојката во Лешок и Македонија
сосема заслужено ја добија истакнатиот одбојкарски работник со потекло
од Лешок , господин Борис Момироски, поранешниот одбојкар на ОК “ЛЕШОК”
и ОК “Работнички” Ацо Ацевски и поранешниот одбојкар на “Вардар” Зоран
Докузовски.
По завршувањето на турнирот и доделувањето на наградите, учесниците
го посетија манастирскиот комплекс во Лешок, прошетаа низ улиците на
селото, а потоа за нив беше приреден свечен ручек. Гостите беа импресионирани
од убавините на природата, а најповеќе од срдечниот пречек и незаборавното
дружење. Се играше и пееше. Со еден збор, присутните се веселеја до
доцните вечерни часови.
Да споменеме дека Здружението планира турнирот да биде традиционален.
| Лешок, 05.08.2004 година |
Младен Мисаиловски
|
Авторот на текстот е поранешен фудбалер на “Оникс” од Лешок. поранешен
одбојкар на ОК “Лешок” и одбојкарски работник.